Американски војници во Полска

Американскиот претседател Доналд Трамп посочи дека САД го разгледуваат барањето за трајно воено присуство во Полска, како и за програмата за визна либерализација за таа држава.

– Полска е подготвена да даде многу голем придонес за САД за да дојдеме и да воспоставиме присуство во Полска и тоа секако е нешто за што ќе разговараме – изјави Трамп во Белата куќа пред состанокот со полскиот претседател Анджеј Дуда.
Американскиот претседател рече дека знаел дека на Полска многу ѝ се допаѓа таа идеја и посочи дека САД многу сериозно ја разгледуваат.

Трамп заедно со сопругата Меланија беше им домаќин на претседателот на Полска и на неговата сопруга, по што следуваше разговор меѓу двајцата лидери и заедничка прес-конференција.

Белата куќа соопшти дека американскиот и полскиот лидер разговарале за трговијата и за воено-безбедносните прашања меѓу двете држави. Асошиејтед прес потсетува дека Варшава беше првата станица на американскиот претседател на минатогодишната турнеја во Европа. Како што нагласува агенцијата, двете држави, сојузнички во НАТО, делат загриженост во однос на прашањето за безбедноста поради засилените активности на Русија, а Полска бара поголемо и трајно воено присуство на сили на САД на своја територија.