Повеќе од 10.000 парчиња огнено оружје се предадени доброволно на властите во Нов Зеланд, како дел од акцијата што беше воведена по страотното масовно пукање во март годинава кога 51 лице беше убиено, а над 40 повредени при напад на две џамии во Крајстчрч.

Досега вкупно 10.242 парчиња огнено оружје биле предадени на полицијата, откако започна акцијата на 13 јули. Исто така, 1.269 парчиња оружје биле предадени анонимно, соопшти полицијата на Нов Зеланд.

Нов Зеланд ги заостри законите за оружје по терористичкиот напад во две џамии во Крајстчрч.

Осомничениот, кој користел повеќе пиштоли во нападот, добил лиценца за пиштол во ноември 2017 година и започнал со набавка на оружје легално во декември 2017 година, изјави премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн.

Ден по нападот, Ардерн рече дека законите за оружјето во земјата ќе се променат и две недели по нападот, во парламентот беше донесен предлог-закон за забрана на полуавтоматско огнено оружје.