Областа Калбаџар, која беше под контрола на непризнатата република Нагорно-Карабах од 1993 година, ѝ е предадена на азербејџанската страна, вели Семјон Дегтјарев, портпарол на рускиот мировен контингент, пренесува ТАСС.

– Денеска областа Калбаџар ѝ беше официјално предадена на азербејџанската страна во согласност со трилатералните договори постигнати од лидерите на земјите – рече тој.

Според руското Министерство за одбрана, процесот на трансфер го следеле руски мировници.

– Војниците на рускиот мировен контингент се погрижија за безбедноста на цивилното население и организираа трансфер на областа. Процесот на трансфер започна во 00.00 часот на 25 ноември во согласност со трилатералната изјава на рускиот претседател Владимир Путин, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан и беше контролирана од руски мировници – додаде Министерството.

Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Областа доживеа разгорување на насилството летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.

На 9 ноември рускиот претседател, Владимир Путин, азербејџанскиот претседател, Илхам Алиев и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан, потпишаа заедничка изјава за целосен прекин на огнот во Нагорно-Карабах почнувајќи од 10 ноември.

Рускиот лидер рече дека азербејџанската и ерменската страна ќе ги задржат позициите што ги зазеле и руските мировници ќе бидат распоредени во регионот. Според руското Министерство за одбрана, столбот на контингентот е 15. Одделна моторизирана бригада (мировни сили) од Централниот воен округ.

Руски набљудувачки пунктови се поставени по должината на контактната линија во Нагорно-Карабах и по должината на коридорот Лачин, што ги поврзува Ерменија и Нагорно-Карабах. Командата на мировната операција се наоѓа во Степанакерт и ситуацијата се следи деноноќно.

Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е главно населен со етнички Ерменци, е причина за расправија меѓу Баку и Ереван со децении. Двете нации претходно водеа крвава војна за регионот помеѓу 1988 и 1994 година со сериозни борби, што повторно се разгореа во септември по повремените пресметки во тоа време.