Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска му соопшти на американскиот претседател Џо Бајден дека Израел „прави се за да избегне повреда на луѓе кои не се вклучени во борбата со Хамас и други групи во Појасот Газа“, соопшти неговиот кабинет.

Во соопштението се вели дека доказ за тоа е фактот дека луѓето кои не биле вклучени во конфликтот биле евакуирани од зградата во Газа, во која се наоѓале канцелариите на повеќе светски медиуми, пред израелските сили да ја демолираат, пренесува Ројтерс.

– Премиерот му се заблагодари на претседателот Бајден за поддршката за нашето право да се браниме – се додава во соопштението.

Портпаролот на Махмуд Абас објави дека палестинскиот претседател разговарал телефонски со Бајден, првпат од избувнувањето на последната криза. Тоа е воедно и првиот разговор меѓу американскиот и палестинскиот претседател откако Бајден стапи на функцијата во јануари годинава.

Деталите за разговорите со Абас не се познати, а Бајден претходно разговараше и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, по бомбардирањето на Газа, во кое беше урната зградата што ја користеа одредени медиуми.

Џо Бајден рече дека е загрижен за цивилните жртви.

Дванаесеткатната зграда во Газа, во која се наоѓаа канцелариите на светски медиуми, денес беше уништена во израелски воздушен напад, а сите вработени претходно беа безбедно евакуирани.

Покрај канцеларијата за дописи на АП, во зградата беа сместени и канцелариите на Ал Џезира и Агенцијата Франс Прес.