Милиони деца ширум светот годишно умираа поради инфекции како што се малите сипаници. Денес, благодарение на програмите за имунизација, повеќе не се бележат такви трагични случаи. Но само затоа што ретко наидуваме на вакви инфекции, не значи дека ситуацијата е задоволителна, пренесува „Гардијан“.

Иако речиси сите родители во Британија ги имаат вакцинирано своите деца, сепак, еден од пет луѓе во државата не се уверени дека вакцините се безбедни, покажа најголемата анкета во врска со ставовите кон науката и здравјето досега која беше објавена неделава. Ова е загрижувачки бидејќи недовербата може да допринесе инфекциите како малите сипаници повторно да се актуелизираат.

Во Франција еден од тројца луѓе не се согласуваат со тоа дека вакцините се безбедни. Тоа е повеќе од било која друга држава опфатена во истражувањето на „Велкам Глобал Монитор“ во кое беа анкетирани повеќе од 140.000 луѓе во 144 држави.

Во Јужна Азија, каде што детските инфекции се сѐ почести и посмртоносни, само два отсто од населението не се согласиле дека вакцините се безбедни. Во споредба со тоа, 11 отсто во Северна Америка и неверојатни 22 отсто на територијата на Западна Европа. Последиците од оваа недоверба можат да бидат смртоносни. Во Европа, 72 луѓе починаа од мали сипаници минатата година, од кои тројца во Франција.

Убедливо, 92 отсто од родителите во глобалната анкета се изјасниле дека нивните деца се вакцинирани или ќе бидат вакцинирани против детските инфекции. Тоа покажува дека повеќето родителите кои не се сигурни дали вакцините се безбедни, сепак се согласни дека е важно нивното дете да ги прими.

Бебињата помали од една година и луѓето со слаб имунолошки систем се во најголема опасност за време на епидемијата на малите сипаници. За да ги заштитиме, сите мора да стекнеме доверба во вакцините.

– Вакцините се безбедни и функционираат, тоа е факт. Но сѐ додека сите не се уверени во тоа, сите други се изложени на ризик – се констатира во анализата на „Гардијан“.