Француските безбедносни сили уапсиле повеќе од 260 учесници на вчерашните протести по повод првата годишнина од собирите на Жолтите елеци низ Франција, изјави денеска министерoт за внатрешни работи, Кристоф Кастанер.

Тој во телевизиска изјава кажа дека за време на протестите се уапсени 264 лица, од кои 173 во Париз, како и дека меѓу учесниците имало околу 300 членови на радикални групи одговорни за немирите.

Според Министерството за внатрешни работи, вкупно 28.000 граѓани учествувале на протестите низ Франција, од кои 4.700 во Париз, иако организаторите тврдат дека вкупната бројка изнесува 44.000 учесници.

Париските медиуми јавуваат дека многу станици на париското метро по барање на префектурата се затворени и денеска, како превентивна мерка од евентуални демонстрации на Жолтите елеци.

Втор ден по ред како се затворени централните метро страници на најпрометната туристичка авенија Шанзелизе, по вчерашните нови насилства и судири со полицијата.

Протестите на Жолтите елеци започнаа кон средината на ноември 2018 година, првично поради зголемувањето на цената на горивата и високите трошоци за живот, но прераснаа во пошироко движење против претседателот Емануел Макрон и неговите економски реформи.