Дополнителни 15 смртни случаи се пријавени во кинеската провинција Хубеи, со што бројот на починати од новиот коронавирус се зголеми на 41, соопштија локалните власти. Дополнително, регистрирани се уште 180 заразени лица.

Властите објавија дека ги прошируваат мерките за спречување на ширењето на новиот вирус.

На 13-те градови веќе ставени во карантин во покраината, додадени се уште пет, што значи дека 56 милиони луѓе веќе се изолирани од светот.

Мерките вклучуваат прекин на транспортните врски до и од тие градови.

Кинеските власти објавија и дека воведуваат национални мерки за откривање на новиот вирус во возови, автобуси и авиони за да се спречи ширењето, а ќе има прегледи на лице место и сите патници со симптоми на пневмонија веднаш ќе бидат префрлени во медицински центри.

Вирусот е веќе регистриран и во Европа – во Франција се регистрирани три случаи кај луѓе кои патувале во Кина.