Истакнатиот републикански сенатор Линдзи Греам вети истрага за наводите на поранешниот шеф на ФБИ дека заменик-министерот за правда Род Розенштајн разговарал за отстранување на претседателот Доналд Трамп од функцијата во 2017 година.

– Постои тврдење на тогашниот привремен шеф на ФБИ дека заменик-министерот за правда, всушност, се обидувал да изведе административен удар, да го собори претседателот со постапката што е пропишана во 25-от уставен амандман – порача Греам.

Според него, Розенштајн ги негира ваквите обвинувања.

– Затоа, вам и на гледачите ви го ветувам следново: ќе одржиме сослушување за тоа кој ја кажува вистината и што всушност се случило – истакна Греам.

Во меѓувреме, Стивен Милер, советник на американскиот претседател, предупреди дека Трамп е подготвен првпат да употреби вето ако Конгресот биде против неговата објава за вонредна состојба по должината на границата со Мексико.

– Тој ќе ја заштити својата објава за вонредна состојба – додаде Милер.

Вонредната состојба Трамп ја објави во петокот, со желба да го избегне Конгресот за финансирање на ѕидот кон Мексико. На тоа се противат демократите и одбиваат во буџетот да бидат вклучени 5,7 милијарди долари потребни за негова изградба. Со прогласувањето вонредна состојба му е дозволено да користи федерални средства, но се соочува со правни и политички предизвици.