Светските и локалните медиуми ги објавија првите слики и снимки од турската воена операција во Сирија која започна денеска.

Според Си-ен-ен во нападнатите области има сообраќаен колапс, бидејќи патиштата се полни со колони луѓе што се обидуваат да го избеганат од турското бомбардирање.

– Овој свет ги остави нашите луѓе пред варварски напад, каде згрешивме кога се боревме против Исламска држава за него? – напиша на Твитер портпаролот на воениот совет, Мандбиј Шерван Дервиш.

Сириските курди кои ги контролираат областите каде започна офанзивата, се сојузници на САД, но тие не го кријат незадоволството од повлекувањето на американската војска од оваа територија, по што уследи и нападот на Турција.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно соопшти дека денеска започнала воената операција во североисточна Сирија.

Медиумите објавија дека, заедно со турскиот, започнале возвратни напади и од курдските сили.

Турскиот Си-ен-ен на својот профил на „Твитер“ ги прикажа првите фотографии од погодените цели.

Меѓународната заедница повикува на воздржаност и повлекување на турските сили, а влијателниот републикански сенатор, Линдзи Греам, попладево се закани дека американскиот Конгрес ќе направи напори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган скапо да ја плати својата офанзива во Сирија против курдските сили, сојузници на Вашингтон.