Царините во Германија и Белгија заплениле рекордни 23 тони кокаин наменети за трговија во Холандија, пренесува Би-би-си.

Германските власти откриле 16 тони во пет транспортни контејнери што претходно месецов пристигнале во пристаништето во Хамбург од Парагвај. Веднаш била известена полицијата во Холандија, а во белгиското пристаниште Антверпен биле запленети уште 7,2 тони кокаин.

Германските власти соопштија дека уличната вредност на кокаинот се проценува на милијарди евра.

Во Антверпен, дрогата била скриена во контејнер исполнет со дрвени блокови од Панама.

Кокаинот пронајден во Хамбург бил скриен во конзерви кои содржеле гипс што се користи за пополнување на пукнатини во ѕидови.

Уапсен е 28-годишен маж осомничен за вмешаност во трговијата со рекордната количина кокаин, соопшти холандската полиција. Според извештаите на медиумите, станува збор за холандски државјанин.