Амбасадорот на Мисијата на Европската Унија во Тирана, Луиџи Сореца оцени дека откажувањето на опозицијата од пратеничките мандати го поткопува интегративниот процес на Албанија.

– Откажувањето од мандатите го поткопува процесот на интеграција на Албанија кон ЕУ. Пратениците имаат одговорност кон гласачите, очекуваме Владата и опозицијата да се вклучат во дијалогот – порача Сореца од албанскиот град Корча.

Тој додаде дека во овој момент е премногу рано да се направат какви било предвидувања, затоа што албанскот Парламент од вчера е без опозиција.

– Неивесноста во земјата е многу висока. Вчера влеговме во оваа ситуација. Помина многу малку време. Она што можам да кажам е дека без дијалог не постои решение на патот на Албанија кон Европската унија во кој постигна голем напредок – рече Сореца.

Инаку, поради најновото заострување на политичката криза во Албанија следната недела во Тирана ќе допатува делегација на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент.