Американскиот потпретседател Мајк Пенс вети „брза реакција“ на САД доколку постои каква било закана за лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо.

– Бебзедно враќање на Гуаидо во Венецуела е од најголемо значење за САД – напиша на Твитер Пенс кога Гуаидо пристигна во Каракас.

Пенс додаде дека какви било закани, насилства или заплашување кон него нема да се толерираат и ќе следува брз одговор.

– Светот гледа и времениот претседател Гуаидо треба да влезе безбедно во Венецуела – додаде тој.

Венецуелскиот опозициски лидер ризикуваше апсење бидејќи ја напушти државата и покрај забраната за напуштање на нејзината територија. Гуаидо синоќа го предупреди претседателот Николас Мадуро дека ако се обиде да го приведе или киднапира тоа ќе биде една од неговите последни негови грешки.

Тој денеска се врати со авион во Каракас каде беше пречекан од илјадници поддржувачи на опозицијата во Венецуела. Меѓу оние кои го пречекаа беа и амабсадори на неколку европски и јужноамерикански држави.

– Веќе сме во нашата сакана земја! Венецуела, ние само што ја поминавме миграциската контрола и тргнавме кон нашиот град – напиша Гуаидо на Твитер.