Италијанската влада денеска ќе прогласи вонредна состојба поради поплавата во Венеција, со цел што побрзо да се мобилизираат средства за да се избегне, на долг рок, исчезнување на еден од најубавите градови во светот.

Непосредно пред полноќ, нивото на морето запрело на 77 сантиметри, далеку од вчерашните 1,87 метри, што не било видено 53 години.

-Катастрофата што ја погоди Венеција е удар во срцето на нашата земја. Тешко е да се гледа градот во таква состојба, неговото уметничко наследство е во ризик, а комерцијалните активности се на колена – рече премиерот Џузепе Конте, кој дојде во градот.

Владата ќе се состане во Рим денеска попладне за да прогласи вонредна состојба во Венеција, постапка што ѝ дава на владата посебни овластувања и ресурси да дејствува што е можно поскоро.

Порастот на нивото на морето во комбинација со силните ветрови и дождови вчера го поплавија скоро целиот град. Според изјавата на гувернерот на регионот, Лука Заја, поплавени се 80 отсто од градот.

Италијанските медиуми јавија дека седумдесетгодишен маж загинал од електричен удар.

Поради поплавите во градот нема електрична енегија, а водата навлезе во базиликата на плоштадот Свети Марко, во продавниците, рестораните, хотелите.

Стотици туристи до нивните хотели морале да стигнат преку вода која на некои места била и над нивните колена.

Градот, со население од 50.000, секоја година го посетуваат околу 36 милиони туристи, од кои 90 отсто се странци.

-Иднината на Венеција е во прашање. Повеќе не може да се живее вака. Потребна е безбедност за да се живее тука. Нашиот меѓународен кредибилитет, исто така, е во прашање – рече градоначалникот Луиџи Бруњаро.

Градоначалникот смета дека е приоритет да се заврши мегапроектот за браната МИСЕ (експериментален електромеханички модул) што е можно поскоро за да се заштити целиот венецијански басен, а Конте смета дека проектот би можел да биде комплетиран до пролетта 2021 година.

Премиерот, исто така, вети дека владата ќе ја надомести штетата, која, како што рече, во овој момент не може да се пресмета.

Министерот за животна средина смета дека причините за катастрофата се јасни.

-Ова е директна последица на климатските промени и „тропикализација“ на метеоролошките појави со поројни дождови и силен ветер – наведува тој.