Десетици илјади луѓе денеска се собраа низ цела Словачка за да ја одбележат годишнината од убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова.

Куцијак и Кушнирова беа убиени во својата куќа на 21 февруари 2018 година, а словачките власти се сомневаат дека станува збор за нарачано убиство, кое е поврзано со неговата новинарска работа.

Новинарот истражуваше дали има корупција во Владата и дали постои врска меѓу политичарите и италијанската мафија.

Покренати се обвиненија против четири лица осомничени за убиството, но постои сомневање дека организаторот на убиството и натаму е на слобода.

Убиството предизвика големи улични протести и политичка криза која доведе до смена на шефот на полицијата и пад на владата.

Организаторите на денешните собири бараа одговори од истрагата.

– Сакаме да ги знаеме имињата на оние кои го наредија ова ужасно злосторство, рече организаторката Каролина Фарска.