Лидерите на најмалку 16 земји на ЕУ вчера во Брисел требаше да одржат мини-самит, на кој се очекуваше да ги претстават позициите за решавање на мигрантската криза во пресрет на официјалниот самит на ЕУ закажан за 28 и 29 јуни. Затворениот состанок во Европската комисија, меѓутоа, не се очекуваше да заврши со конечен компромис, бидејќи на него одбија да учествуваат сите членки и зашто разликите помеѓу засегнатите страни засега се преголеми.
Земјите од Вишеградската група (Полска, Унгарија, Чешка и Словачка), кои се против солидарно европско решение, го бојкотираа состанокот, а канцеларката Ангела Меркел во петокот најави дека не очекува конечен компромис, и порача дека најверојатно е можно да се склучат договори со земјите на надворешните граници на ЕУ, како Италија, Бугарија или Грција.
Франција, по средбата на претседателот Емануел Макрон со шпанскиот премиер, Педро Санчез, се изјасни за „колаборативни решенија“. Макрон предложи и санкции за земјите што одбиваат да примат мигранти, алудирајќи на источноевропските земји. Франција и Шпанија предлагаат „затворени центри“ на европска територија каде што ќе бидат ставени мигрантите штом стигнат во ЕУ, но засега не е јасно каде точно ќе бидат отворени.
Освен Вишеградската група, Макрон го критикува и новата влада на Италија, која смета дека европските земји не се солидаризираат доволно и одбива да прими бродови со спасени мигранти. Таа ја обвини Франција за лицемерство зашто не ги отвора своите пристаништа за бродови и ги протерува мигрантите од својата територија. Уште еден брод со 230 мигранти викендот чекаше во Медитеранот Италија и Малта да се договорат кој да го прими пловилото.