Невладината организација Амнести Интернешнл – ЕУ упати остри критики кон земјите членки на ЕУ кои четири дена одбиваа да го примат бродот “Аквариус“ во своите пристаништа бара од земјите да „престанат да си играат со животите на бегалците“, јави дописничката на МИА од Брисел.

По четири дена лутање во Медитеранот, хуманитарниот брод “Аквариус“ кој трага и спасува мигранти во Медитеранот конечно се вкотви на Малта, иако оваа држава начелно го одби бродот, а Италија категорично се спротистави, иако овие две земји беа најблиските безбедни пристаништа.

Малта сега ќе ги прифати 141 мигранти од бродот, а околу половина од нив ќе бидат распределени во неколку земји членки на ЕУ.

Амнести Интернешнл смета дека одбивањето на Италија и Малта беше “срамно“.

-Европските влади мораат да престанат да си играат со човечките живот, изјави Мариа Серано од Амнести.

-Ги повикуваме европските лидери итно да се договорат за предвидлив и сигурен систем на потрага и спасување кој ќе овозможи брз излез за преживеаните во најблиското безбедно пристаниште, кој ќе го почитува морското законодавство и приматот на спасување животи во Медитеранот.

Амнести ги повикува медитеранските земји да ги отворат пристаништата отворени за спасувачките бродови, а другите земји од ЕУ да ја споделат одговорноста за поделба на бегалците.

Миграциската криза со која се соочува ЕУ длабоко ги подели земјите членки на Унијата. Земјите во источна Европа одбиваат секакви шеми на распоредување или квоти за мигранти. Италија, која до скоро примаше највеќе мигранти, целосно ги затвори своите граници откако на власт дојде коалиција со екстремната десница. Германија, пак, поради притисокот на јавноста и коалициските партнери во власта, инсистира дека мора да им се стави крај на “секундарните движења“, односно мигрантите кои влегле во ЕУ преку една земја да се спречат да патуваат потоа кон Германија.

Поради внатрешните поделби, ЕУ не успеа да се договори за реформа на заедничкиот систем на азил наречен Даблин 2.

Иако ЕУ поминува низ длабока криза поради миграцијата, бројот на бегалци и мигранти кои доаѓаат во ЕУ е значително намален во споредба со 2015 година.