Данска

Разузнавачките служби на Данска се загрижени поради зголемувањето на шпионските активности на територијата на таа земја. Ова се наведува во извештајот објавен неделава, во време кога шефот на воената разузнавачка служба Ларс Финдсен е во притвор, под обвинение за објавување доверливи документи.
– Некои странски земји активно спроведуваат разузнавачки активности против Данска, а заканите од шпионажа се зголемени во последните години – соопштија данските разузнавачки служби.
Според пишувањата на медиумите, заканата што вклучува шпионажа, вознемирување, обиди за нелегално стекнување производи, технологија и знаење и во исклучителни случаи дури и обиди за атентат се протега и на данските автономни територии, како што се Фарските Острови и Гренланд, особено поради интересот за Арктикот.
Според извештајот на разузнавачките служби, заканата доаѓа првенствено од земјите од Истокот. Шефот на воената разузнавачка служба, Ларс Финдсен засега е единствениот што останува во притвор, додека трае истрагата за неговата наводна вмешаност во издавањето државни тајни. Случајот се води зад затворени врати и за него власта објави многу малку информации.