Фото: Веб-страница на украинскиот претседател

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека Украина „веќе би ја завршила војната со Русија“ доколку имала пристап до подобро оружје, како што е она што го користи Русија.

Во своето обраќање доцна синоќа, Зеленски посочи дека во сите интервјуа и преговори со лидерите на демократскиот свет, рекол дека е неправедно што Украина се уште е принудена да го бара она што нејзините партнери го складирале со години.

Тој нагласи дека морална должност на земјите-партнери е да помогнат во заштитата на слободата, да ги спасат животите на илјадници Украинци доколку имаат оружје и муниција што сега и се потребни на Украина.

Украинскиот претседател додаде дека интензитетот на рускиот оган во Харков во Донбас и во областа Дњепропетровск е зголемен, дури и врз цивилни структури.

– Судбината на десетици илјади жители на Мариупол кои беа преместени на териториите под руска контрола е непозната – рече Зеленски, пренесува „Би-би-си“.