Фото: Твитер

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска ги повика ОН „веднаш“ да реагираат во однос на „воените злосторства“ извршени од Русија во неговата земја и додаде дека во спротивно светската организација треба само да биде „распуштена“.

Во свечениот говор преку видео врска во живо во салата на Советот за безбедност, Зеленски ги повика ОН да ја исклучат Русија од Советот, каде таа е една од петте постојани членки, и да се реформира системот на ОН, така што „правото на ветото да не значи право на смрт“.

– Сега ни требаат одлуките на Советот за безбедност за мир во Украина. Ако не знаете како да ја донесете оваа одлука, можете да направите две работи – истакна украинскиот претседател.

Зеленски предложи да се исклучи Русија „како агресор и иницијатор на војната за да не ги блокира одлуките поврзани со нејзината агресија“ врз Украина.

– Тогаш направете се што можете за да се постигне мир – додаде Зеленски во говорот, на кој присуствуваше и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Зеленски нагласи дека втората опција е реформа на ОН, а доколку нема други алтернативи, следната опција е распуштање на светската организација.

За време на своето обраќање, украинскиот претседател прикажа необработено видео на кое јасно се гледаат тела и делови од телата на убиените во Украина.

Видео снимката предизвика гнев кај актуелниот претседавач со Советот за безбедност на ОН, британската амбасадорка Барбара Вудворд, која изјави дека станува збор за скандалозно „страшна слика“.