Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска соопшти дека имал телефонски разговор со американскиот претседател Џо Бајден за новите санкции против Русија.

– Само што го завршив получасовниот разговор со претседателот на САД. Заеднички ја проценивме ситуацијата на бојното поле и на преговарачка маса. Разговаравме за нов пакет санкции и заострување на постоечките казнени мерки – напиша Зеленски на Твитер.

Тој додаде дека разговарале и за поддршка во одбраната на Украина, како и за макрофинансиска и хуманитарна помош.

Известувајќи за разговорот, Белата куќа соопшти дека притоа станало збор за дополнителна помош на украинската војска.

– Лидерите разговараа за продолжување на напорите на САД со сојузниците и партнерите да идентификуваат дополнителни капацитети за да и помогнат на украинската војска да ја одбрани својата земја – се вели во соопштението.