Фото: Принтскрин

Тинејџер вооружен со пиштол и со полуавтоматска пушка пукал во основното училиште „Роб“ во Градот Увалде, во американската сојузна држава Тексас, при што се убиени 19 деца и двајца возрасни, соопштија локалните власти, а пренесе новинската агенција Асошиејтед прес (АП).

Напаѓачот, 18-годишниот Салвадор Рамос, кој делувал сам, бил застрелан од полицијата и е мртов, соопштија властите, но не дадоа информација за можниот мотив за нападот. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, објави дека Рамос го оставил возилото и влегол во училиштето вооружен. Осомничениот бил вооружен со пиштол и полуавтоматска пушка АР-15, потврдиле два извори за Си-би-ес њуз. Сенаторот од Тексас, Роланд Гутиерес, изјави дека Рамос го најавил нападот на социјалните мрежи и дека оружјето со кое го извршил нападот го купил за својот 18. роденден.

Би-би-си пренесува дека една од возрасните убиени е наставничката Ева Миралес.
Се претпоставува дека пред да појде во училиштето пукал во неговата 66-годишна баба, која се бори за живот.

Фото: Принтскрин

Во пукањето се ранети 13 деца и двајца агенти на американската гранична патрола и една жена. 66-годишната жена и 10-годишно девојче се во критична состојба во Универзитетската болница во Сан Антонио.

Американскиот претседател, Џо Бајден, по нападот имаше обраќање до нацијата, во кое повика на нови ограничувања на оружјето.

– Кога во Божјо име ќе се спротивставиме на лобито за оружје? Кога, за волја на Бога, го правиме она што сите знаеме дека треба да го направиме? Зошто сме подготвени да живееме со овој масакр? Зошто постојано дозволуваме тоа да се случи? Каде во Божјо име е нашата јасна позиција? Време е да се реагира – рече Бајден, а пренесе АП.

Фото: Принтскрин

Американскиот претседател нареди американското знаме да биде спуштено на половина копје до зајдисонце до сабота на 28 мај. Знамето беше спуштено на сите јавни згради и области, воени и поморски објекти и сите поморски бродови, како и знамињата на амбасадите, конзулатите и воените и поморските објекти во САД и во странство.