Фото: Принт-скрин

Како што климатските промени носат пламени, жештина и смрт на нивните прагови, лидерите на најмоќните светски економии имаат други нешта на ум, пишува „Политико“.

Се предвидува дека Обединетото Кралство денес ќе го има најтоплиот ден откако се бележи температурата, а Португалија и Шпанија горат. Повеќе од илјада луѓе ги загубија животите, додека поголемиот дел од континентот се справува со суша.

А политичарите кои ветија справување со климатските промени на самитот во Глазгов одржан во ноември, сега се мачат да останат посветени на проблемот за кој кажаа оти е егзистенцијален.

Наместо тоа, тие се зафатени со краткорочни кризи, меѓу кои најизразена е зголемената цена на живеењето. Дури и додека нивените држави горат, западните лидери оставаат климатските политики да назадуваат. Лидерите инсистираат дека зголемувањето на притисоците од војната и животните трошоци нема да ги оттргнат од целите за животната средина. Но поддржувачите на климатските политики се растревожени од нивните гледишта за создадениот вакуум во политичкото водество на најголемите светски нации.

– САД имаат потешкотии со последиците од екстеремните климатски промени, а сепак, претседателот Џо Бајден неделава беше во Саудиска Арабија, каде што се сретна со принцот Мохамед бин Салман. Тој беше таму за да го убеди кралството да испумпа повеќе нафта, за да ги скроти високите цени што го измачуваат неговото претседателство и статусот на демократите во американскиот Конгрес – пишува „Политико“.

Европските лидери исто така се заробени меѓу немирот во јавноста, зголемените цени на енергенсите и нивните климатски ветувања. ЕУ ја охрабри Норвешка да истражува за нови полиња за гас и нафта, потенцијално и на Арктикот.

По патувањето на Бајден во Ријад, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен замина во Азербејџан на слична мисија. Тие вчера во Баку потпишаа Меморандум за разбирање за стратешко партнерство во енергетскиот сектор кој предвидува обврска да се удвои капацитетот на гасоводот Јужен гасен коридор со цел до 2027 година да испорачува најмалку 20 милијарди кубни метри гас годишно во ЕУ.

Ако политичките лидери го спуштија гардот за климатските промени, тоа делумно е поради пораката од гласачите дека имаат поитни проблеми. Зголемените цени за електричната енергија, гасот или храната сега се доминантна грижа за многумина Европејци, заклучува „Политико“.