Премиерот на Чешка ги претстави приоритетите на својата земја како претседавач на Советот на ЕУ

Чешкиот премиер Петр Фиала пред европратениците во Стразбур ги претстави приоритетите на својата земја како претседател на Советот на ЕУ, при што тој потсети на постојаната потреба да се работи за модерна и оперативна Европа, со волјата за зајакнување на заедничката слобода, одговорност, безбедност и просперитет.
Чешка ќе претседателствува под слоганот „Европа како задача: преглед, обнова, зајакнување“. По шест месеци, односно до крајот на годинава, Чешка ќе ѝ го предаде претседателствувањето на Шведска.
Во овој период на претседавање на Советот на ЕУ, по вторпат во последниве 18 години откако е членка на Унијата, Чешка ќе се фокусира на пет тесно поврзани приоритетни области: управувањето со бегалската криза и обновата на Украина во повоениот период, енергетска безбедност, зајакнување на одбранбените капацитети на Европа и безбедноста на сајбер-просторот, стратегиската отпорност на европската економија и отпорноста на демократските институции.
Во своето излагање пред Европскиот парламент, чешкиот премиер не ги спомена земјите од Западен Балкан. Тој потсети дека ЕУ се соочува со тешки времиња, не само поради руската агресија врз Украина туку и поради галопирачката инфлација.

Подготвил: Марјан Велевски