Од јули 2022, американскиот Стејт департмент одобри можна продажба на „воено-техничка помош“ за Тајван во вредност од 108 милиони долари. Пентагон наведе дека Тајван побарал делови за поправка на тенкови и борбени возила, малокалибарско оружје, системи за борбено оружје и средства за логистичка поддршка

Како САД воено му помагаат на Тајван?

Соединетите Американски Држави се главниот воен помагач на Тајван, кому му продаваат оружје и одбранбена технологија што му се неопходни. Вашингтон со децении му продава оружје на Тајпеј во согласност со Законот за односи со Тајван, со кој се дозволува снабдување со „одбранбено“ оружје. Од 2019 досега, Тајван има нарачано воена опрема во вредност од најмалку 17 милијарди долари, пишува „Дефенс њуз“. Ова ја вклучува и нарачката на 66 борбени авиони од типот „Ф-16“ во вредност од осум милијарди долари, која беше склучена уште во времето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Ова е една од најголемите поединечни нарачки досега.
Од јули 2022, американскиот Стејт департмент одобри можна продажба на „воено-техничка помош“ за Тајван во вредност од 108 милиони долари. Пентагон наведе дека Тајван побарал делови за поправка на тенкови и борбени возила, малокалибарско оружје, системи за борбено оружје и средства за логистичка поддршка.
Во јануари, среде зголемените кинески упади во воздушната безбедносна зона на Тајван, властите на островот изгласаа одлука за дополнителни 8,6 милијарди долари за одбрана, од кои поголемиот дел ќе биде наменет за одбрана од инвазија од море.
Присуството на американската морнарица во Пацификот и Јужно Кинеско Море е главен фактор за одвраќање на Кина од активности во овој регион. Впрочем, негувањето и унапредувањето на американските сојузнички мрежи во Индопацифичкиот Регион беа наведени и како главна причина за посетата на Пелоси. Тоа подразбира и вклучување на европските земји, како Франција и Велика Британија, да учествуваат во таканаречените „маневри за слободна пловидба“ во меѓународните води што Кина ги смета за свои територијални води.
Цу-јун Су, аналитичар од Институтот за национална одбрана и безбедност во Тајван, вели дека воените вежби на Кина се замислени како „стратегиска психолошка војна“ против Тајван и сигнал дека Пекинг сака „да ја спречи американската војска да му дава помош на Тајван“.

Но, и покрај поддршката од САД и зголемените воени трошоци, Тајван сѐ уште не може да држи чекор со модернизацијата на кинеската армија, која во неа вложува децении. Оваа неусогласеност го турка Тајван во пренасочување на своите капацитети за „асиметрично војување“, пренесува „Дојче веле“.
Оваа стратегија вклучува користење помало но поефикасно оружје за борба против побројните и подобро опремени непријателски сили. Успехот на Украина во одбраната во текот на првата фаза од руската инвазија, со користење противтенковски ракети што истрелуваат од рамо, е наведен како пример на примена на оваа стратегија. САД сега го советуваат Тајван за борбата против кинеската инвазија од море да купи оружје што го карактеризираат мобилност и прецизност.
Во мај, „Њујорк тајмс“ и „Политико“ пишуваа дека Стејт департментот му порачал на Тајпеј дека треба да се насочи на набавка на опрема соодветна за асиметрично војување со кое подобро би одвратил и би се одбранил од Кина, како што се на пример проектили и пософистицирана артилерија, наместо да купува скапи хеликоптери наменети за лов на подморници.
Уште од администрацијата на Доналд Трамп, Вашингтон веќе одобри продажба на вакви асиметрични системи како што се ракетите за крајбрежна одбрана „харпун“, артилериските ракетни системи со висока мобилност „химарс“, ракетите „стрингер“ и дроновите „MQ-9“.
Поради проблеми со производството и војната во Украина, во Тајван не пристигна целото оружје што беше нарачано. Тоа доаѓа заедно со критиките дека САД дејствуваат премногу бавно кога станува збор за давање приоритет на одбраната на Тајван како приоритет на националната безбедност.
САД немаат воспоставено официјални дипломатски односи со Тајван, ги признаваат Народна Република Кина и Пекинг како „единствена легална влада на Кина“ според политиката на „една Кина“.
Пекинг, пак, гледа на Тајван како на кинеска покраина, со која еден ден „повторно ќе се обедини“, па дури и со употреба на сила, доколку е потребно. Но САД не го признаваат експлицитно кинескиот суверенитет над Тајван и продолжуваат да го снабдуваат со оружје островот, кој има самоуправа. Тоа доведе и до создавање компликувана дипломатска и стратегиска сива зона.

Според Законот за односи со Тајван од 1979 г., Вашингтон стои на ставот за „стратегиска амбивалентност“, што значи дека не е загарантирана директна воена интервенција, но исто така не е ниту експлицитно исклучена. Но неодамнешните изјави на претседателот Џо Бајден дека САД ќе го „бранат“ Тајван ако го нападне Кина предизвикаа конфузија, поради што Белата куќа мораше да се дообјаснува дека нема промена на ставот на Вашингтон за неинтервенција.
Ричард Хас, директор на американскиот Совет за надворешнополитички односи, за „Форин аферс“ напиша дека Вашингтон треба да прејде на политиката на „стратегиска јасност“.
Старата „игра што функционираше кога Тајван и САД имаа воена предност над Кина веројатно нема да ја одврати од интервенција кинеската војска, која дваесет и пет години се подготвува за судир со Тајван“, напиша Хас.
Тајванскиот аналитичар Су смета дека и покрај тоа што кинеската војска неделава спроведува демонстрација на сила „без преседан“, шансите за ескалација се „многу мали“, бидејќи опцијата војна во овој момент е „неповолна за Пекинг“, оти победата е неизвесна. Притоа, Су додава и дека „Си Џинпинг не може да ризикува да го загрози својот трет мандат“.

Подготвил: Митко Јовановски