Потсетување на некои анализи на покојниот новинар и дипломат Мирослав Лазански за руско-украинското прашање

Поранешниот новинар, а подоцна и српски амбасадор во Москва, покојниот Мирослав Лазански, во 2018 година со извонредна прецизност предвиде што ќе се случува во Украина во случај на војна со Русија. Лазански додека беше новинар, пред да замине во Москва како амбасадор на Србија, во повеќе наврати со задоволство одговараше на повиците на новинарите на „Нова Македонија“ да даде свое мислење, анализа или коментар за одредени случувања во регионот и во светот. Во тие свои јавувања, искусниот новинар со посебен жар зборуваше за својата омилена тема, за односот меѓу Русија и Украина. Деновиве, особено откако започна конфликтот во Украина, многумина се потсетија на неговите анализи на руско-украинските односи и на евентуалниот нивен судир, особено по настаните од 2014 година, кои резултираа со мировниот договор во Минск.

Проекцијата на Лазански за евентуалниот судир меѓу Украина (НАТО) и Русија

Уште пред осум години, со една од неговите тогашни многубројни анализи за кризата во Украина, Мирослав Лазански имаше гостување во телевизиска емисија, при што изјави: „За Русија да живее со НАТО, кое дошло до нејзините граници во Украина, е прашање на живот и смрт“.
Во декември 2014 година, по повод тогашната актуелна криза во Донбас, Лазански истакна дека целата приказна за Украина не е само Украина.
Тоа е првенствено приказна за односот меѓу Америка и Русија, односно Запад, НАТО и Русија. Москва побара од НАТО да гарантира дека Украина нема да влезе во НАТО. Доколку Украина се согласи со дефинираниот и гарантиран статус на воена неутралност, мислам дека ќе се смири ова во Донбас – рече тогаш Лазански.
Во таа пригода тој предупреди дека Европа ќе влезе во војна доколку нема стратегиски компромис меѓу Западот и Русија, НАТО и Русија, Америка и Русија. Лазански потсети дека Русија го вратила Крим и го контролирала целото Црно Море.
Крим е непотоплив носач на авиони во Црно Море. Крим е завршена приказна, не вреди повеќе да се зборува. Ако Украина влезе во НАТО, нема да влезе во НАТО во тие граници – посочи Лазански.
Тој исто така изјави дека како што Американците не можат да дозволат руските ракети, кои летаат пет минути до Вашингтон, да бидат во Куба, така Москва не може да дозволи американски ракети да бидат во Украина и да летаат четири минути до Москва.
Во врска со напорите на Украина за влез во НАТО, Лазански рече дека секоја земја што има нерешен територијален проблем, особено ако има сосед како Русија, апсолутно не може да влезе во Северноатлантската алијанса, бидејќи НАТО не е луд да прифаќа земји што носат таков територијален спор како мираз.
Само најсиромашниот, западен дел на Украина може да влезе во НАТО, а што се однесува до источниот дел, Русите нема да го дозволат тоа – додаде Лазански.

Предвидувања на Лазански за движењето на воениот конфликт откога ќе
започне

Она што остава силен впечаток е фактот дека во својот матичен весник „Политика“, а потоа и во различни телевизиски емисии, Лазански, како еден од врвните воени аналитичари во регионот, со голема точност го предвиде развојот на настаните и сето она што се случува во Украина деновиве.
Да претпоставиме дека Украина ќе изврши силен воен напад врз Донбас и Крим, а Русите треба да војуваат. Така, рускиот одговор ќе започне со напади на „Искандер“ и воздушни напади врз штабови, комуникациски центри, аеродроми, складишта за гориво и муниција, на „паркинзите“ за техника по целата длабочина на распоредот на украинската армија. Русите во борбата би вклучиле современи средства за радиоелектронска борба, како што е системот „автобаза“, а истовремено би ги преорувале првите борбени линии на Украинците со повеќецевните ракетни фрлачи „смерч“ – пишуваше во 2018 година Мирослав Лазански.
„Истовремено, напред би се придвижиле механизирани извидувачки патроли, тие десет бригади. Тоа би можеле да бидат единици со оклопни транспортери, но и засилени групи со два-три тенка, или од две до пет пешадиски борбени возила. Нивната задача би била откривање непријателски маршрути на тактички групи на растојанија од 75 до 100 километри. Движењата на овие патроли би биле следени со јуришни хеликоптери, а нивната задача би била да ги уништат непријателските патроли и да ги ‘почувствуваат’ првите линии на одбраната на непријателот или само да ги откријат движењата на главните сили на непријателот.
Од Луганск до Северодонецк – клучната граница на зоната Северна – има само 60 километри. Тоа значи дека најистурените руски единици би ги заобиколиле Сватово и Славјанск до крајот на третиот ден. На четвртиот ден, војната веќе би се проширила во регионите Харковската и Днепропетровската област. Првата и втората линија на украинската одбрана би биле пробиени по целата длабочина. Нивните најистурени бригади практично би биле скршени и лишени од тешка опрема. Затоа, преостанатите украински единици би биле принудени да преминат на стационарна одбрана, каде и да се најдат.
Што би можеле да направат Украинците во таква ситуација? Тие би ја уфрлиле во борба целата своја расположлива авијација од далечните аеродроми. Пред сè, од аеродромите од западот на Украина. Но ниту Русите не би седеле со скрстени раце. Токму затоа, во првите денови од операцијата, ракетите од копното и оние што ги носи авијацијата би ја ‘одработиле’ својата работа на секој од тие аеродроми. Секако дека не би им останале должни ниту Украинците. Аеродромите, транспортните центри, мостовите и сите клучни точки на руската армија по должината на фронтот ќе бидат подложени на масовни удари. Од тој момент започнува незапирливата ескалација на конфликтот. Зашто, оној што ќе задоцни во тоа, загарантирано ќе ја изгуби војната. Воениот пораз води до општа политичка криза на страната на поразениот, што доведува до промена на власта.

Украина нема тактичко нуклеарно оружје, но дали САД може да му го достават на Киев или може директно да интервенираат на страната на Украина? На радарските екрани ‘томахавките’ изгледаат како носачи на нуклеарно оружје. Ако само еден ‘томахавк’ удри во голем град во Русија, одговорот автоматски би следувал. А ако има атомски боеви глави на крстосувачките ракети, конфликтните страни ќе се соочат со неизбежна размена на стратегиски нуклеарни напади.
Затоа НАТО и САД нема да војуваат со Русија за Украина“, пишуваше тогаш Лазански.
– Немаме план да распоредуваме борбени трупи на НАТО во Украина, нашето внимание е насочено кон обезбедување поддршка – изјави за Би-би-си генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пред неколку дена, на самиот почеток на актуелниот конфликт во Украина.
Лазански, според сите процени, беше во право.