Фото: Влада

Кинеската авиокомпанија Хаинан ерлајнс утрово по четири години ги обнови редовните директни летови на релацијата од Пекинг до Белград, а на слетувањето на првиот авион на аеродромот „Никола Тесла“ присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

Хаинан ерлајнс ќе лета меѓу главните градови на Кина и Србија засега само во сабота, поради ограничувањата за коронавирусот кои сè уште постојат во Кина.

Вучиќ истакна дека Србија е прва во регионот која има директен лет до Кина и најави дека од септември или октомври и Ер Србија ќе воспостави летови и за Пекинг.

– Ова се големи работи, пристигна авионот на Хаинан А330 – 300, од септември или октомври авионот А330-200 на Ер Србија ќе биде малку помал, со 258 седишта. И ќе купиме уште еден А330 и можам да најавам уште една линија до Чикаго. Ќе ги поврземе Западот и Истокот и ќе летаме секаде и во регионот само од Белград – рече Вучиќ.

Хаинан ерлајнс започна да лета од Пекинг до Белград преку Прага во септември 2017 година, но летовите беа прекинати на крајот на 2018 година.

– Очекуваме до крајот на годината да потпишеме договор за слободна трговија со Кина со што ќе се отвори простор за натамошно унапредување на соработката – рече Вучиќ.

Одговарајќи на новинарско прашање, Вучиќ рече дека верува оти идната влада ќе биде влада која ќе се грижи за интересите на Србија и додаде дека тоа ќе биде српска влада која ќе работи многу на побрз пристап на Србија во Европската унија, но дека сигурно нема да биде антируска.