Ејден Аслин (лево)/Фото: Принт-скрин

На Британецот Ајден Аслин (28) осуден на смрт од судот во самопрогласената Народна Република Донецк (ДНР) поради учество во војната во Украина му е кажано оти пресудата ќе биде спроведена, како што информира неговото семејство, а пренесува „Гардијан“.

Тој и неговиот сонародник Шон Пинер (48) неодамна се осудени поради обвиненија за тероризам во судскиот процес што се одвиваше месецов. Поранешниот здравствен работник од британски Њуарк му кажал на семејството оти немало обид од британските власти да преговараат со локалните претставници за неговиот случај. Тој во телефонскиот разговор со семејството порачал и оти „времето му истекува“.

– Мора да е сечиј најлош кошмар да се има член на семејството на кој му се закануваат на овој начин. Ејден беше екстремно вознермирен кога се слушна со мајка му. Ејден кажа дека ДНР му соопштила дека никој од Обединетото Кралство не стапил во контакт и оти ќе биде погубен. Морам да верувам во тоа што ни го кажа Ејден, дека ако ДНР не добие некаков одговор, тие ќе го погубат. Очигледно, се надевам дека тоа не е вистина – истакна роднината на Аслин, Памела Хол, во изјава за „Би-би-си“.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас разговараше за случајот на Аслин со украинските власти и ги посочи „напорите да се обезбеди ослободување на воените заробеници задржани од проруските сили“. Трас кажа и дека „смртната пресуда апсолутно нема никаков легитимитет“.

Британското Министерство за надворешни работи ги истражува случаите на британските државјани кои се заробени во Украина и пружа поддршка за семејствата на Аслин и Пинер, наведува „Гардијан“. Двајцата Британци заедно со еден марокански државјанин беа заробени во април додека се бореа за украинската армија во Мариупол.

Се верува дека тие се првите украински војници судени од проруските сили. Британците се преселиле во Украина во 2018 година и служеле во украинските вооружени сили неколку години пред отпочнувањето на воените дејствија во Украина, како што известува британскиот весник.

Двајца Британци и Мароканецот се подготвуваат да поднесат жалба, изјави денеска еден од нивните адвокати. Британските власти претходно објавија дека нејзините граѓани биле редовни војници и дека според Женевската конвенција, тие треба да бидат изземени од кривично гонење за учество во воени дејствија.