Млада жена е убиена, а три лица се повредени, во нападoт со огнено оружје кој денеска се случи на Универзитетот во Хајделберг.

Ова се нови податоци од безбедносни извори, кои објавија и дека сторителот си го одзел животот.

Полицијата првично објави дека четири лица биле повредени во напад со огнено оружје што го извршил маж кој потоа се самоубил, а една од жртвите починала во болница од здобиените повреди.

– Млада жена почина во болница од прострелни рани – изјавил попладнево за агенцијата АФП извор од безбедносните сили.

Нападот на најстариот универзитет во Германија бил извршен во амфитеатар и полицијата верува дека напаѓачот дејствувал сам.

– Веруваме дека имало само еден сторител. Сега не гледаме опасност за јавноста – соопшти полицијата еден час по првите пријави.

Според весникот „Билд“, напаѓачот бил студент и откако повредил неколку лица, го свртел оружјето кон себе.

Неговиот идентитет не е објавен, а истражителите велат дека тој немал верски или политички мотиви.

Германските закони за огнено оружје беа заострени по два напада на училишта во Ерфурт во април 2002 година и во Виненден во март 2009 година.

Полицијата претходно соопшти дека распоредила сили и служби за итни интервенции на местото на настанот, во делот од градот каде се случил нападот.

Универзитетот во Хајделберг е најстариот германски универзитет, основан во 1386 година.