Што најавува падот на берзанските индекси во САД и на европските берзи

Инфлацијата во САД во јуни достигнала 9,1 отсто, највисокото ниво од 1981 година. Овој податок сериозно се одрази на берзата на Волстрит, каде што вложувачите се најдоа непријатно изненадени од ваквото сознание, а тоа резултира со паѓање на берзанските индекси во средата, трет ден со ред. Така, Индексот Дау Џонс ослабе за 208 индексни поени или за 0,67 отсто, на 30.772 поени, индексот СиП 500 се лизна за 0,45 проценти, на 3.801 поен, а индексот Насдак падна за 0,15 отсто, на 11.247 индексни поени.
Во текот на тргувањето на њујоршкиот пазар на хартии од вредност, индексите беа во минуси и по повеќе од 1 отсто, бидејќи вложувачите ги шокираше податокот дека инфлацијата во САД во јули достигнала 9,1 отсто, што е новото највисоко ниво по повеќе од 40 години.
Во средата паднаа цените на акциите и на европските берзи. Лондонскиот ФТСЕ-индекс ослабе за 0,74 отсто, на 7.156 поени, франкфуртскиот индекс ДАКС се лизна за 1,16 процент, на 12.756 поени, а парискиот ЦАЦ-индекс се намали за 0,73 отсто, на 6.000 индексни поени.
Ваквите движења предизвикаа соодветни шпекулации дека американската централна банка Федерални резерви (ФЕД) би можела да ги подигне каматите за цел процентен поен. Ова тие го базираа на податокот дека инфлацијата, која во мај изнесуваше 8,6 отсто, би можела да се искачи на 8,8 отсто, по што ФЕД во јули ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивните 0,75 процентни поени. Но сега дури шпекулираат дека ФЕД би можел да ги подигне каматите за цел процентен поен.
Во настојувањата да ја сузбие инфлацијата, американската централна банка од почетокот на годината клучните камати ги зголемуваше во опфатот од 1,4 до 1,75 отсто, а судејќи според сѐ ќе мора и натаму агресивно да ја поткрева цената на парите. Поради тоа растот на економијата во САД забавува, а прашање е дали ФЕД ќе успее „меко“ да го приземји стопанството или економијата ќе ја турне во рецесија.
– Мислам дека рецесијата е неизбежна. ФЕД ќе мора да биде агресивен краткорочно и да ја спушти побарувачката, а тоа води во рецесија – вели Ен Сондерс од компанијата „Чарлс Шваб“.
Сепак, во вториот дел од тргувањето на Волстрит, берзанските индекси успеаја да ги ублажат загубите.
– По ваквиот извештај за инфлацијата, би очекувале големо повлекување од ризичните вложувања, но пазарот по почетниот пад се смири. Мислам дека ова е поради тоа што инвеститорите и онака од претходно веќе очекуваат агресивно зголемување на каматите – вели Рос Мајфилд, аналитичар во компанијата „Берд“.
Во фокусот на вложувачите следните денови, пак, ќе бидат извештаите за кварталните деловни резултати на компаниите. Аналитичарите проценуваат дека компаниите од составот на технолошкиот индекс СиП 500 во второто годинешно тримесечје оствариле раст на заработките за 5,7 отсто во однос на истиот лански период, што би бил значително помал раст отколку во претходните квартали. Покрај деловните резултати, вложувачите внимателно ќе ги анализираат и процените на компании за натамошното работење, имајќи ги превид растот на каматните стапки, високата инфлација, забавувањето на економскиот раст и нарушувањата во синџирите за снабдување.