Фото: принтскрин

Украина денеска успеа да ја реализира најголемата размена на воени заробеници од почетокот на руската интервенција, обезбедувајќи враќање на 144 војници, вклучително и 95 бранители од фабриката за челик во Мариупол, а ослободувањето на исто толку војници го обезбеди самопрогласената проруска Народна Република Доњецк.

Според Украинската воена разузнавачка агенција (ГУР), повеќето украински воени затвореници биле тешко повредени, со прострелни рани, изгореници, скршеници и ампутирани екстремитети.

Русија не пријави размена на затвореници, но лидерот на Доњецката Народна Република изјави дека 144 сепаратистички борци, меѓу кои и руски војници, се ослободени.

– На Киев му предадовме исто толку затвореници од украинските вооружени единици, од кои повеќето се ранети – изјави Денис Пушилин.

Русија и сепаратистите држат во заробеништво уште неколку стотици украински борци, а Киев е особено загрижен за судбината на Азовската бригада. Во денешната размена имало и 43 борци од таа единица. Русија ги класифицира членовите на Азов како екстремно десничарска група.