Од почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари, во Полска работат повеќе од сто илјади украински бегалци, кои по процесот на прифаќање и интеграција имаат право на вработување, бесплатна медицинска нега, образование и социјална помош. Во Полска е донесена нова легислатива за да им се олесни и забрза интегрирањето на бегалците. Процедурата за трансфер на украинските бегалци е поедноставена. Според претставници на полската погранична полиција, тие можат да влезат во Полска со кој било документ за идентификација, додека некои се примени и без документи.
Полските власти проценуваат дека моментално во земјата има меѓу еден и два милиони бегалци.
– Основата на овој закон е дека на бегалците не им се даваат поголеми или помали права од полските граѓани – рече Лех Справка, првиот човек на Лублинското војводство, додавајќи дека од почетокот на војната во Полска се вработени околу сто илјади Украинци.
Војводата рече дека, покрај полските власти, вклучени се и граѓани и невладини организации, а многу полски семејства примиле бегалци од Украина.
Во случај сопственикот на сместувањето да не земе пари од бегалецот, добива грант од државата од 40 злоти (околу девет евра) по лице дневно.
Бројот бегалци што влегуваат во Полска во последните денови се намалува, според граничната полиција на 10 мај границата ја преминале 900 лица.
Според податоците на УНХЦР, од почетокот на руската инвазија врз Украина земјата ја напуштиле повеќе од пет милиони луѓе, најмногу во Полска, повеќе од три милиони.