Колумбиската управа за борба против наркотици при рутинска проверка во пристаништето Буенавентура открила контејнер во кој имало еден тон кокаин, при што товарот бил наменет за балкански нарко-картел, а дестинацијата на бродот била Бугарија.

Кучиња трагачи успеале да откријат психотропни супстанци во пратката со крзно и кожени производи, објави колумбиската веб-страницата „Каракол“.

Полициските службеници потоа извршиле детален преглед на стоката и пронашле пластични фолии со „бела материја“, која по тестирањето била позитивна на кокаин, а пратката била тешка еден тон.

Прелиминарната истрага утврдила дека кокаинот бил наменет за европски картел од Балканот, со цел понатаму да се дистрибуира на Запад, во земји како Италија, Франција и Германија, каде би можел да се продаде за околу 75 милиони долари.