фото: Илустрација

Најмалку 12 невини лица загинаа откако бомбаш-самоубиец денеска удрил со автомпбил во приватна компанија за обезбедување која работи за Обединетите нации (ОН) во сомалискиот главен град Могадишу, соопшти полицијата.

– Силната експлозија уништи неколку згради и цивилни возила, при што загинаа најмалку 12 невини луѓе. Веруваме дека целта би можеле да бидат приватните безбедносни сили кои вообичаено ги придружуваат претставниците на ОН додека се движат низ градот – соопшти полицијата.

Во нападот загинал и бомбашот самоубиец, така што бројот на загинати е најмалку 13 лица. Од полицијата стравуваат дека голем е бројот на луѓе под урнатините. Засега не е познато дали меѓу жртвите има странци или персонал на ОН. Повредени биле повеќе од 20 луѓе меѓу кои и ученици.

– Патував во посебен конвој кој минуваше покрај областа во моментот на експлозијата. Некои од моите обезбедувачи беа ранети во нападот. Тоа беше навистина силна експлозија – изјави заменик-градоначалникот на Могадишу, Али Абди Вардер.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот. Фундаменталистичката група Ал Шабаб често ја преземала одговорноста за слични напади.