Украинската криза ги приближува некогашните блиски соработници и членки во Унијата

Лондон и Брисел започнале со преговори за нови антируски мерки со учество на САД. Мерките предвидуваат ограничување на трансферот на технологија на компании од Русија што се занимаваат со производство на гас. Пакетот мерки би можело да бидат проширени и на идни проекти во кои би биле вклучени европски и британски корпорации, кои во моментов активно соработуваат со руските партнери. Како што објавува угледниот „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на добро информирани извори, санкциите против новите руски проекти во гасниот сектор ќе бидат воведени во случај на ескалација на конфликтот околу Украина. Целиот пакет санкции, според медиумот, внимателно го разгледуваат и разработуваат Европската Унија и Обединетото Кралство.
Се претпоставува дека ваквите ограничувања значително ќе се одразат на работењето на странските нафтени и гасни компании во Русија, вклучувајќи ги француските „Тотал“, британските „Шел“ и БП, кои насочуваат значителни инвестиции во руската гасна индустрија.

Според авторот на написот, координацијата на напорите на Лондон и на Брисел во областа на санкциите е сигнал дека „двете засегнати страни се подготвени да соработуваат за прашањата за надворешната политика и безбедноста“, и покрај излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Во исто време, заменик-државната секретарка на САД, Викторија Нуланд, на брифингот во Стејт департментот изјави дека САД ќе го прекинат „Северен тек 2“ во случај на руска „инвазија“ на Украина.
„Сакам отворено да кажам: ако Русија ја нападне Украина, на еден или друг начин ’Северен тек 2‘ нема да функционира“, се закани таа, нагласувајќи дека САД продолжуваат да одржуваат „многу сериозни“ консултации со Германија за рускиот гасовод.
Односите меѓу Западот и Русија паднаа на најниско ниво од Студената војна поради ситуацијата околу Украина. Западот ја обвинува Русија дека подготвува инвазија на Украина, додека Москва го негира тоа и бара гаранции дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток.