Поранешниот австриски канцелар, некогаш најмладиот премиер на светот, Себастијан Курц, потпиша нов договор за вработување во САД. Како што пишува весникот „Естерајх“, Курц од следната година најмногу време ќе поминува во САД, бидејќи се вработил во приватниот сектор, во областа на инвестициите.
Поранешниот канцелар на Австрија најави дека следната година ќе објави детали за новото работно место и за која компанија станува збор.
Најавеното повлекување на Курц од политиката дојде по соочувањето на поранешниот австриски канцелар со бројните скандали и политички превирања на домашната сцена во изминатите неколку години. Тој поднесе оставка од канцеларската функција во октомври, годинава, за да ја спаси владината коалиција.
Политичкиот вундеркинд кој стана лидер на Австрија на 31-годишна возраст, се издигна на политичката сцена преку имиџот на енергичен функционер кој му овозможи да стекне широка поддршка од различните генерации. Курц оддаваше впечаток дека е поинаков од останатите политичари. Тој не само што вети дека ќе направи револуција во австриската политика, туку ги убеди Австријците дека е сериозен во неговите намери. Харизматичниот политичар создаде систем што критичарите го нарекуваат „куќата на Курц“ – тесно поврзана мрежа на негови лојалисти во владата, приватниот сектор и во медиумите, кои тивко соработуваат на заедничка корист. Познавачите на состојбите сметаа дека Курц ќе се одржи на власт, наспроти неодамнешниот пад на неговиот рејтинг и скандалите, кои ја доведоа во прашање неговата политичка иднина. Но, по се изгледа дека Курц го плати цехот од бројните афери на австриската политичка сцена.