фото: Пикселс

УНИЦЕФ потврди дека само во април биле убиени речиси 100 деца во Украина. Сепак, вистинските бројки може да бидат значително повисоки, изјави висок претставник на УНИЦЕФ пред Советот за безбедност на ОН.

– Само во минатиот месец, ОН потврдија дека се убиени речиси 100 деца, а ние веруваме дека реалните бројки се многу поголеми – рече Омар Абди.

Тој истакна и дека „образованието е исто така на удар“ и дека „училиштата продолжуваат да се користат за воени цели“.

– Училиштата се спас за децата, особено во конфликти. Училиштата се безбедни простори, со рутини кои обезбедуваат заштита од повреди и привид на нормалност. Училиштата се исто така критични канали за информации за ризиците од смртоносните експлозивни направи. И тие се врска до основните здравствени и психосоцијални услуги – рече тој.

Абди вели дека најмалку 15 од 89 училишта, поддржани од УНИЦЕФ, во источна Украина се оштетени или уништени.