Европската комисија поведе постапка против Унгарија за користењето средства од европскиот буџет. Според извори од комисијата, постапката е поведена поради сериозна загриженост во однос на унгарското искористување на средствата од европскиот буџет, меѓу другото поради условите за јавни набавки, недоволната контрола и транспарентност во користењето на средствата и недоволната борба против измама и корупција.
Постапката е започната со испраќање официјално предупредување, од комесарот за буџет Јоханес Хан, но содржината на писмото не е објавена. Унгарија сега има два месеца да одговори на писмото, а комисијата потоа има еден месец да го анализира тој одговор.
Европската комисија поведе постапка против Унгарија во рамките на новиот механизам, според кој, користењето средства од европските фондови е условено со почитување на владеењето на правото.
– Идентификувавме прашања што би можеле да бидат кршење на владеењето на правото и кои влијаат на буџетот на ЕУ – изјави заменик-претседателката на Комисијата за транспарентност, Вера Јурова.
Регулативата, која никогаш претходно не била користена, му дозволува на Европскиот совет да усвои, по барање на Европската комисија, мерки како што се суспензија на плаќањата финансирани од буџетот на Унијата или суспензија на одобрување на една или повеќе програми финансирани од буџетот. Унгарија и Полска, кои поради таа регулатива би можеле да останат без значителни средства од европскиот буџет, во март минатата година се обратија до Судот на ЕУ и побараа негово поништување, но Судот во февруари годинава го одби нивното барање.

Со години, едно од најголемите прашања во ЕУ беше како Унијата има намера да се справи со владите на земјите-членки што систематски ги прекршуваат основните демократски вредности и го поткопуваат владеењето на правото. Дебатата и натегањата околу оваа тема траеја десет години, додека Брисел конечно не се договори за т.н. механизам за владеење на правото, кој стапи во сила на почетокот на 2021 година, објави „Дојче веле“.
Унгарија би можела да биде предмет на многу строги финансиски санкции – земјата потенцијално би можела да загуби стотици милиони евра субвенции од ЕУ. Средствата од ЕУ се потребни за Унгарија и секоја година изнесуваат 4 отсто од бруто-националниот производ.
Канцеларијата за борба против измами на ЕУ (ОЛАФ) во последните години истражуваше голем број случаи на измама и на корупција во врска со фондовите на ЕУ, а потоа ги препраќаше досиејата до унгарското државно правобранителство. Но, по правило, тие или не отвораат постапки или ги завршуваат без резултати – дури и кога станува збор за многу очигледни случаи на измама.