Дмитро Кулеба/Фото: Влада на Украина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, во директен пренос на Твитер, изјави дека челичарницата Азовстал, која е последното упориште на украинските сили во Мариупол и за која денеска се водат жестоки борби, сè уште се држи, и ги отфрли руските тврдења дека градот сега е под целосна руска контрола.

-Руските сили секојдневно ги напаѓаат борците и цивилите таму со бомбардирање и артилериски оган – изјави Кулеба.

Неодамнешната евакуација на група цивили, под покровителство на ОН, од индустрискиот комплекс, додаде украинскиот министер, докажува дека „таму каде што има политичка волја на Русија, овој механизам може да работи“, но, како што нагласи, „тие не сакаат да ги пуштат луѓето да си одат“.

Претходно, рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, на брифинг во Кремљ соопшти дека руската армија во целост го контролира Мариупол, и, како што рече, го враќа мирот во градот.