Голем број западни поборници за разоружување тврдат дека американското нуклеарно одвраќање генерално не функционира, бидејќи Русија ги игнорираше американските воени капацитети и ја нападна Украина. Второ, бидејќи Русија успешно ги искористи нуклеарните закани за да го заплаши НАТО да не ја брани Украина, се смета дека укинувањето на нуклеарното оружје е единствениот начин за да се избегне таква нуклеарна уцена во иднина. Со тоа главните поддржувачи на „политиките за нуклеарно одвраќање“ на Западот, во врска со „поседување нуклеарно оружје за одвраќање“, заклучија дека „со Украина, се променија барањата за ефикасна одбрана“…

Најсилно вкрстување на аргументите „за“ и „против“ улогата и употребата на нуклеарното оружје

Руската закана дека би можело во случај на потреба да се решат за употреба на нуклеарно оружје во Украина предизвика повеќе дискусии за американската политика за нуклеарно одвраќање отколку кога било од екот на претходните кризи. Од една страна, клучните поддржувачи на силната политика на нуклеарно одвраќање заклучија дека се променија барањата за одвраќање на САД, што бара внимателна анализа, па дури и нови инвестиции во нуклеарно оружје. Од друга страна, поддржувачите на повлекувањето на нуклеарното оружје, повторно го нагласија својот притисок за многу помала улога на нуклеарно одвраќање врз основа на четири аргументи за американско-руската нуклеарна рамнотежа.

Кои се аргументите на поборниците за нуклеарно разоружување

Прво, голем број поборници за разоружување тврдат дека американското нуклеарно одвраќање генерално не функционира, бидејќи Русија ги игнорираше американските воени капацитети и ја нападна Украина. Второ, бидејќи Русија успешно ги искористи нуклеарните закани за да го заплаши НАТО да не ја брани Украина, се смета дека укинувањето на нуклеарното оружје е единствениот начин за да се избегне таква нуклеарна уцена во иднина. Трето, за да се поттикне разоружувањето, се верува дека САД треба еднострано да ги намалат распоредените нуклеарни сили на не повеќе од 1.000 боеви глави, што е имплицитно намалување за 55 отсто. И четврто, со оглед на намалената улога што нуклеарното оружје треба да ја има во безбедносната политика на САД, администрацијата на Бајден треба да усвои не само политика на „избегнување прв напад“ туку и експлицитна политика на „неупотреба“ на нуклеарно оружје.
Денешните критичари на нуклеарното одвраќање забележаа дека проширеното нуклеарно одвраќање на САД над Европа не ја спречи Русија да ја нападне Украина, докажувајќи ја релативната безвредност на нуклеарните сили. Меѓутоа, со оглед на тоа што ништо друго во воениот арсенал на САД немаше застрашувачки ефект (ниту ветената закана од економски санкции), дали треба да се отфрли целиот овој воен капацитет? Она што во голем дел му недостига на аргументот за разоружување е дека сите воени опции на САД, вклучувајќи го и проширувањето на нуклеарниот чадор над Украина, беа еднострано отфрлени од администрацијата на Бајден, со што, според мислењето на Москва, се даде зелено светло за употреба на каква било сила што се сметаше дека е неопходна за инвазија на Украина.
Всушност, Русија експлицитно, иако тивко, се фалеше со стратегијата за закана „од ескалација до победа“, која на крајот успеа да ги спречи САД и нивните сојузници во НАТО да се вклучат во каква било воена интервенција. Но што е со тврдењето дека нуклеарното одвраќање на САД сега е очигледно помалку вредно? Покрај намалувањето на оружјето, поборниците за разоружување бараат две значајни промени во политиката, вклучувајќи го и она што се нарекува стратегија „избегнување прв напад“ или „неупотреба“. Првиот елемент ја отфрла употребата на нуклеарно оружје за одмазда дури и на егзистенцијални напади врз САД со конвенционално, хемиско, биолошко или сајбер-оружје. Вториот и наедно најконтроверзен елемент е дека САД исто така треба да ја отфрлат употреба на нуклеарно оружје, дури и ако тие или нивните сојузници се нападнати со исто такво оружје.

Промени во руската стратегија

Како што беше забележано, конфликтот во Украина откри дека сегашната нуклеарна стратегија на Русија се променила по Студената војна. Денес, Москва предупредува дека ако САД ѝ се спротивстават, без оглед на тоа какво оружје се користи, Русија брзо ќе ескалира на нуклеарно ниво со ограничени нуклеарни напади, која е позната како доктрината на „ескалација за победа“. Оваа „присилна“, но ограничена закана од нуклеарно оружје е она на што треба да работи одбранбената стратегијата на САД. Во овој случај, несомнено во игра ќе влезе силната ракетна и противвоздушна одбрана, покрај веродостојните и флексибилни капацитети за повратен удар.
Во минатото, стратегијата за одвраќање на САД се потпираше на доктрината за заемно уништување. Меѓутоа, за поборниците за разоружување, доктрината за контрасила предизвика силна загриженост дека САД имаат доволно прецизни проектили за да го разоружат противникот со тоа што прво ќе ги насочат на неговите воени капацитети.

Политика за „избегнување прв напад“ со нуклеарно оружје и негова неупотреба

Денес поборниците за разоружување сè уште се залагаат за политика на „избегнување прв напад“, што значи дека САД никогаш не би иницирале употреба на нуклеарно оружје, дури и ако прво бидат нападнати со силно конвенционално, биолошко, хемиско или сајбер-оружје. Сепак, и покрај тоа што Студената војна е завршена, САД сè уште имаат помала огнена моќ во Европа, бидејќи конвенционални сили на НАТО едноставно не можат да им парираат на руските сили. Ова е причината зошто САД одржуваат нуклеарен чадор или продолжено нуклеарно одвраќање, над своите сојузници во Алијансата.
Администрацијата на Бајден, наводно, ја отфрлила политиката за „избегнување прв напад“ поради противењето на сојузниците на САД во НАТО. Причината е разбирлива. Конвенционалната рамнотежа на НАТО останува релативно слаба, а 27 од триесетте членки на НАТО ветија дека со Договорот за нуклеарно неширење од 1969 година нема да градат сопствено нуклеарно оружје. Но лошата вест е дека конвенционалната воена нерамнотежа може само делумно да се поправи преку исполнување на долгогодишната обврска на членките на НАТО да потрошат најмалку два отсто од својот БДП за одбрана.
Иако САД имаат нуклеарен чадор, тие располагаат со приближно 200 гравитациски бомби што можат да се распоредат во борбени авиони, додека Русија може да вклучи минимум 2.000 нуклеарни оружја во борба, вклучувајќи и хиперсонични ракети. Следствено, понатамошното слабеење на американските стратегиски системи со еднострани намалувања од над 55 отсто само ја зголемува нивната ранливост и заканата што се појави со конфликтот во Украина. Покрај тоа, исклучувањето на сите интерконтинентални балистички ракети на САД и најмалку половина од планираните подморници од класата „колумбија“ ќе го стави Вашингтон во неповолна положба три на еден, во споредба со нивото на руската и кинеската стратегиска нуклеарна сила. Уште полошо, САД можеа само нуклеарно да се надградат до нивото од 1.500 боеви глави, помалку од она што го дозволува Новиот договор СТАРТ од 2010 година, што потенцијално ќе ги остави САД во неповолна позиција со преостанатите сили во наредните 20 години.

Подготвил: Марјан Велевски