Фото: Министерство за одбрана на Украина

Украина покрај со недостиг од воена опрема се соочува и со специфичен проблем

Според зборовите на некои од офицерите во украинската војска, необученоста за користење на софистицираното оружје што го доставува Западот е исто „како да добиете ајфон 13, а знаете само да телефонирате“. Украинската војска се обидува да научи како да го користи софистицираното оружје следејќи го упатството, кое е на англиски јазик, користејќи и „Гугл транслеит“ за да разбере како се користи…

Земјите од НАТО го потпомагаат украинскиот воен арсенал со софистицирано оружје, но обуката на украинските војници за тоа како да се користи воената опрема станува значајна пречка. Иако меѓународната заедница се обидува да достави оружје за украинската војска, таа не може да го користи со целиот свој потенцијал, поради недоволните информации што ги поседуваат украинските војници. Младиот наредник во украинската војска, Дмитро Писанка, со својот тим се соочува со проблемите во користењето на старото противтенковско оружје, а пресметките за пронаоѓање на целта, често се и погрешни. Пред еден месец, неговиот топовски тим доби напредна опрема – високотехнолошки ласерски делекометар, кој е испорачан како помош од Западот. Но проблемот е што никој од нив не знае како да го користи.
– Тоа е како да добиете ајфон 13, а знаете само да телефонирате. Се обидов да научам како да го користам следејќи го упатството, кое е на англиски јазик, користејќи и „Гугл транслеит“ за да разберам што пишува – изјави Писанка за новинарот од „Њујорк тајмс“.

Со оваа опрема може да се детектира целта и да се одреди нејзината далечина, користејќи компас и ГПС-координати. Некои војници научиле да го користат, но биле прераспределени на други позиции.

Велика Британија вети дека ќе ѝ испорача на Украина мобилни повеќецелни фрлачи на ракети, за да се подобри ефикасноста на артилеријата, а слична помош вети и американскиот претседател Џо Бајден. Најсовременото оружје украинската армија го користи во дејствата во источната украинска регија Донбас, додека руските сили дејствуваат од исток, север и од југ. Најголеми битки се водат за напуштениот град Севернодонецк.

Украинското раководство постојано апелира до своите сојузници да им испратат современо западно оружје и опрема, со барање за испорака на нови противтенковски наведувачки проектили, хаубици и сателитски наведувачки ракети. Но без соодветна обука на украинските војници, САД може да го повторат неуспехот со снабдувањето на авганистанската војска со опрема, која може да се користи со голема логистичка поткрепа.
– Украинците копнеат за користење западна опрема, но тоа бара обука – вели Михаел Кофман, директор на руските студии на ЦХА, истражувачки институт во Арлинготн.
САД и другите земји на НАТО спроведоа опсежна обука за украинската војска пред војната со Русија, но не и за користење напредно оружје што сега се испраќа. Од 2015 година, американските инструктори обучиле повеќе од 27.000 украински војници во Центарот за борбена обука во близината на градот Лавов. Во Украина биле присутни повеќе од 150 американски воени советници откако Русија ја почна „специјалната воена операција“. За да ја избегне директната конфронтација со Москва, администрацијата на Бајден досега одбиваше да испрати воени советници во Украина, а наместо тоа се потпира на програмите за обука надвор од земјата. Украинскиот наредник Андриј Микита, член на пограничната стража, вели дека им е потребна и формална обука за користење на некои видови оружје, за користење на артилериската опрема или за ракетите воздух-земја.