Фото: Твитер/Максар технолоџис

Членот на Градското собрание во Мариупол, Петро Андриушченко, на Телеграм објави видео од наводен руски напад врз челичарницата „Азовстал“, со кое тврди оти се гледа дека се употребени фосфорни бомби. Видеоснимката не е потврдена од независни извори.

Според Андриушченко челичарницата „Азовстал“ во Мариупол била нападната со фосфорни бомби по победата на украинскиот оркестарот Калуш со песната „Стефанија“ на „Евровизија“.

Андриушченко напиша „Пеколот дојде на Земјата. Во Азовстал“.

Фосфорните бомби се палат при контакт со кислород и предизвикуваат огромна штета. Нивната употреба во населени места е забранета со меѓународното право.

Семејствата на борците кои веќе 80 дена се наоѓаат во фабриката под опсада, се жалат оти нивните најблиски нема да можат да издржат уште долго во сегашните услови.

– Мојот сопруг е во вистински пекол. Тој загуби повеќе од 20 килограми. Изгледа лошо и е во тешка состојба – кажа Наталија Заритска во изјава за „Скај њуз“.

Многумина од оние кои сè уште се во фабриката се членови на Азовскиот полк, чиј заменик командант Свјатослав Паламар во петокот рече дека неговите сили ќе продолжат да пружаат отпор колку што можат.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера објави дека разговорите со Русија за спасување на ранетите ветерани од фабриката „Азовстал“ во Мариупол биле многу сложени и дека Киев користи „влијателни посредници“.

Украина предложи евакуација на 38 најтешко ранети ветерани, а доколку Москва им дозволи, Киев вели дека ќе ослободи голем број руски воени заробеници.