Украинскиот систем за пренос на гас „ГТСОУ“ објави дека поради виша сила ќе го прекине преносот на руски гас преку влезната точка Сохранивка, една од двете клучни точки за снабдување на Европа со руски гас. Украина останува важна транзитна рута за пренос на руски гас во Европа и додека трае оружениот конфликт со Русија што почна на 24 февруари.

„ГТСОУ“ објави дека не може да продолжи со работа на компресорската станица Новопсков поради мешање на окупаторските сили во техничките процеси. Според податоците на украинската компанија, протокот низ тој гасовод паднал на нула, а оваа информација ја потврди и „Блумберг“.

Компресорската станица Новопсков во областа Луганск во источна Украина падна во рацете на Русија веднаш по почетокот на инвазијата. Тоа е првата компресорска станица во Луганск, транзитна рута за околу 32,6 милиони кубни метри гас дневно, една третина од рускиот гас што се транспортира во Европа преку Украина.

– Со цел целосно исполнување на транзитните обврски кон европските партнери и во согласност со договорот, можно е привремено да се префрли недостапниот капацитет од физичката интерконективна точка Сохранивка до физичката интерконекциска точка Суџа, која се наоѓа на територија контролирана од Украина – соопшти ГТСОУ.

Руски „Газпром“ реагираше веднаш, велејќи дека Украинците ги информирале за исклучувањето, додавајќи дека е технички невозможно да се префрли целиот проток на гас на друга транзитна точка.

Рускиот енергетски гигант потврди дека помалку гас се испорачува преку Украина кон Европа, откако Киев соопшти за намалување на количината поради војната.

– Гаспром ќе достави руски гас во износ од 72 милиони кубни метри за транзит низ територијата на Украина на 11 мај – изјави денеска портпаролот на компанијата Сергеј Купријанов.

Тоа ниво е намалување на обемот на нарачката од 95,8 милиони кубни метри, претходниот ден.