Фото: Принтскрин

Светската здравствена организација (СЗО) ја укина, во својата статистика за мајмунски сипаници, поделбата на ендемични и неендемични земји, со цел подобро да го „унифицира“ одговорот на вирусот.

Вирусот, кој обично циркулира во Централна и Западна Африка, сега е присутен на неколку континенти.

– Ја укинуваме разликата помеѓу ендемични и неендемични земји и ги прикажуваме земјите заедно кога е можно за да го покажат единствениот одговор што е потребен – се вели во соопштението за печатот на СЗО.

Од почетокот на годината до 15 јуни, во Светската здравствена организација биле пријавени вкупно 2.103 случаи, еден веројатен случај и еден смртен случај (во Нигерија) во 42 земји, се вели во соопштението.

На 23 јуни, СЗО ќе процени дали сегашната епидемија е итност за јавното здравје, што е највисоко ниво на тревога за СЗО.

Европскиот регион е во центарот на ширењето на вирусот со 1.773 потврдени случаи или 84 отсто од вкупниот број во светот. Следи американскиот континент со 245 случаи или 12 отсто од вкупниот број случаи, Африка со 64 случаи и три отсто и источниот Медитеран со 14 случаи и западниот Пацифик седум случаи.