Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин – јави агенцијата „Анадолија“.

Како што соопшти Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на претседателот на Турција, Ердоган и Путин разговарале за состанокот на преговарачките тимови на Русија и Украина, што се одржа во вторникот во Истанбул.

Ердоган нагласил дека позитивниот и конструктивен состанок на делегациите на Русија и Украина во Истанбул буди надежи за мир.

Напоменувајќи дека е важно страните да се однесуваат разумно и да одржуваат дијалог, Ердоган рече дека со организирање на состанок меѓу рускиот претседател Путин и украинскиот претседател Владимир Зеленски, сакаат да ги крунисаат мировните напори што ги преземаат – пренесува „Анадолија“.

Ердоган во телефонскиот разговор со Путин го повтори предлогот Турција да биде домаќин на состанокот на лидерот на Украина и на Русија.

Путин, од своја страна, му се заблагодари на претседателот Ердоган што беше домаќин на состанокот на преговарачките тимови на Русија и Украина во Истанбул.