Официјални лица на Талибан во западната авганистанска провинција Херат им наредија на продавниците за облека да ги отстранат главите на куклите од излогот, тврдејќи дека тие се антиисламски.

Провинцискиот директор на Министерството за промоција на доблести и спречување на пороци, Азиз ул Рахман, изјави за ДПА во вторникот дека главите „мора да се отстранат“.

Сопствениците на продавници се обидоа да им објаснат на талибанските власти дека цели кукли со глави не го нарушуваат исламот затоа што не претставуваат „идоли“ туку се користат само за изложување облека за продажба, но не успеаја.

Така, продавниците за облека почнаа да ги отстрануваат главите на куклите, во согласност со директивата.

Обеидула Јари, шеф на локалната деловна заедница, во понеделникот рече дека околу 20 отсто од продавниците веќе ја примениле уредбата.

Министерството за промоција на доблести и спречување на пороците, кое е одговорно за спроведување на талибанското толкување на исламот, нареди минатата недела да се отстранат главите на марионетите бидејќи се навредливи за исламот, предупредувајќи дека прекршителите ќе бидат казнети.

Талибанците веќе воведоа строги ограничувања на јавниот живот. Возачите неодамна добија наредба да не пуштаат музика во возилата и да не примаат патници доколку не носат хиџаб.

Поголемиот дел од средните училишта за девојки беа затворени веднаш откако Талибанците ја презедоа власта минатата година. Многу жени не можат да се вратат на своите работни места.

Мажите, пак, мора да пуштат брада.