Tриаголникот што го врамува светот

1331

Русија и Индија ќе потпишат договор вреден 5 милијарди долари за купопродажбата на најновите руски системи „с-400“. САД на тоа жестоко реагираат и се закануваат со санкции и со изолација за Индија. Истото тоа веќе се случува со Кина, при што САД го санкционираат Пекинг поради набавката на руска воена опрема. Дали САД навистина веруваат дека Индија или, пак, Кина ќе се откажат од ваквите зделки, како и од постепеното приближување кон Русија само поради американскиот економски притисок или во прашање се нова геостратегиска комбинаторика и засилување на динамиката на рекомпонирање на сферата на влијанија?

САД – Кина – Русија

Америка е најсилната и најдоминантна нација во светот. Меѓутоа, нејзината моќ веќе се наметнува како пречка. Сѐ повеќе се има впечаток дека денешната администрација на претседателот на САД, Доналд Трамп, е цврсто решена да влезе во битка – економска, политичка па и воена – буквално со секоја држава во светот. Што всушност се случува на глобалниот политички, економски, а првенствено безбедносен план?
Имено, за време на Студената војна, „надменоста“ на САД самите нужно си ја ограничуваа, а еден од факторите за тоа беше што САД (поточно ЦИА) постојано ја преценуваше моќта на СССР.

Во 1950-тите, влијанието на СССР беше зголемено со помош на Народна Република Кина, која со советска поддршка успеа да го собори националистичкиот режим, поддржуван од САД. НО, потоа, разликите помеѓу двата комунистички гиганта (СССР и Кина) на крајот испливаа на површината. Тогашниот претседател на САД Никсон ја препозна шансата за искористување на нивните несогласувања, па, така, се случи неговото познато патување во Пекинг. Потоа, претседателот Џими Картер направи промена во американското политичко признавање на „кинескиот гигант“, па, така, наместо со Република Кина, почна да ѝ се обраќа со Народна Република Кина. Трговската размена помеѓу НРК и САД драматично се прошири, создавајќи солидна основа за идна соработка.

Меѓутоа, во последниве години САД и нејзините сојузници во континуитет пројавуваат сѐ поконфронтирачки политики. Вашингтон почна да се натпреварува со Кина и со Европа. Дури и повеќе од тоа, Вашингтон во суштина дејствуваше како предводник во борбата против Пекинг и Москва, проширувајќи ги сојузите и притискајќи ги пријателските држави да се ангажираат воено и да им наметнат построги санкции, контролирајќи ги така геостратегиските амбиции на овие две земји. Во оваа стратегија има логика, но се чини дека Вашингтон не го зема предвид влијанието од симултаното спроведување на ваквите политики. Американските креатори на политика како да се хронично неспособни да постават приоритети. На пример, администрацијата на Трамп се заканува со казни кон Индија, поради набавката на руските противавионски проектили „с-400“. Њу Делхи е важна противтежа за Кина и нема добро да реагира на таквата постапка.

Покрај тоа, претседателот Трамп не само што ја раскина иранската нуклеарната спогодба, туку се закани и дека ќе ги казни сојузничките држави што не ѝ се приклучија на неговата кампања во однос на промената на режимот во Иран. Ова ги турна Европејците кон Кина и Русија, со планови за создавање алтернатива на финансискиот систем, кој сега е под доминација на САД. Сепак, најдраматичниот удар врз американската политика е постојаното неутрализирање на тектонското „изместување“ помеѓу Никсон и Мао. Несомнено, драматичната трансформација на НР Кина, заедно со значителната експанзија на нејзината сила и досег, едноставно ги направија неизбежни промените во нејзиниот однос со САД. Но сепак, влошувањето на американските врски со Русија е далеку подраматично. Путин е лош актер, но се чини дека Вашингтон свесно усвои политика за претворање на Москва во нов непријател, на местото на стариот Советски Сојуз. Пекинг долго време купува руско оружје – ја доби репутацијата на „преработувач“ на набавките со сопствен инженеринг. Но како и да е, на Москва ѝ годат приходите од продажбата. Минатата година, НРК го купи авионот „су-35“, а годинава проектилите „с-400“, предизвикувајќи американски санкции. Кина остро одговори на казните од Вашингтон. Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Генг Шуанг, изјави: „Сериозно ја советуваме Америка веднаш да ги поправи своите грешки и да ги повлече т.н. санкции. Во поинаков случај, ќе мора да се соочи со сите последици“.

Сепак, продажбата на воена опрема и оружје е само мал дел од приказната. Двете влади, на Русија и на Кина, исто така, спроведоа заеднички воени вежби. Во септември Москва го комплетираше проектот „Восток“ – најголемите руски воени маневри по Студената војна, каде што беа вклучени 3.200 кинески војници. Маневрите се спроведоа во регионот во кој овие две држави водеа кратка неофицијална погранична војна пред половина век. Иако двете влади не ја споменаа директно Америка и ги нарекоа вежбите „дефанзивни“, сепак, според Јуе Ганг, воен аналитичар и поранешен вработен во кинеската војска, „чувствуваат потреба да се зафатат со справување со сѐ поголемиот притисок и ограничувања од страна на САД“. Маневрите, кои вклучуваа стратегии за оневозможување на непријателот да заземе или да премине преку одредена област, навидум беа насочени кон можни инциденти во Азија, но тие исто така би можеле да бидат применети и во Европа. Двете влади испраќаат порака. Џефри Манкоф, од Центарот за стратегиски и меѓународни студии, коментира: „Русија му кажува на Пекинг дека Кина повеќе не е во фокусот на руските планови за Далечниот Исток, а наедно им сигнализира на САД и на НАТО дека ако односите останат лоши, Русија има и други опции“.

Се разбира, соработката помеѓу Кина и Русија не е неограничена. Рускиот генерал Леонид Ивашов тврди дека „маневрите се насочени кон одвраќање на агресивните намери на САД и на НАТО“. Но тука не станува збор за воен сојуз, туку за две влади што се подготвени да ги предизвикаат САД заради глобална доминација. Ниту една од нив не сака војна со САД, а уште помалку ако е таа во име на интересите на другата нација. Сепак, воените вежби ќе ги подобрат борбените вештини на двете земји. Пекинг, кој последен пат водеше војна пред четири децении, има многу за учење од Русија, која доби важно искуство во Сирија. Впрочем, во ситуација кога не се споменуваа имиња на противници, маневрите дозволуваат можност за воена акција од страна на Вашингтон. „Во реалноста, она против кое тренираат и вежбаат е сепак веројатноста за напад од страна на САД“, вели Мајкл Кофман од Центарот за поморски анализи. Сепак, многу посериозна работа е нивната потесна соработка во поширока, геополитичка смисла. Официјалните лица од двете земји зборуваат за создавање „стратегиско партнерство“. Марк Симаковски од Атлантскиот совет коментира: „Јасно е дека овие две земји ќе продолжат да соработуваат за да ги поткопаат американските интереси во Азија“. Шангајската организација за кооперација ги зближи двата гиганта со другите нации на Централна Азија. Пекинг и Москва иницираа заеднички проекти во вредност од над 100 милијарди долари.

Американскиот секретар за одбрана Џим Матис образложува: „Сметам дека овие нации дејствуваат надвор од своите интереси. Не гледам нешто што долгорочно би ги поврзувало Русија и Кина“. А разликите се големи. Со оглед на неодамнешните искуства, Кина сега е постариот партнер. Русите се загрижени заради кинеските прекршувања на интелектуалната сопственост и геополитичките амбиции на Далечниот Исток, имајќи го предвид драматичниот диспаритет на населението. Исто така, Москва гледа на Пекинг како на закана за Арктикот. Поради својата значителна економска сила, НР Кина прави суштински упади во Централна Азија, која порано беше дел од Советскиот Сојуз. На поширок план, Русија се идентификува со христијанскиот свет. Претседателот Владимир Путин користеше идентификување со христијанските симболи како своја политичка предност. Спротивно на ова, кинеското раководство се држи до тврдиот атеизам и изразува непријателски став кон културата промовирана од Путин. И покрај тоа, Вашингтон ненамерно создаде значаен заеднички интерес, кој ги обединува Русија и Кина – стравот од сеопшта закана. Стратегијата за национална безбедност на администрацијата на Трамп се води од тоа дека овие две нации „се обидуваат да формираат свет спротивен на американските вредности и интереси“. Меѓутоа, најагресивните, најнеуморни напори за трансформација на светот доаѓаат токму од Вашингтон. И покрај неговите фалби за „стабилност“, американската политика радикално ги дестабилизираше Блискиот Исток, Централна Азија и руската периферија.

Претпоставките дека Москва и Пекинг никогаш нема сериозно да се зближат се многу опасни. Германија во времето на Вилхелм Втори го имаше речиси истото гледиште во врска со можноста за здружување на револуционерната Франција и царската Русија – но тоа здружување се случи. Стравот од Берлин ги натера двете земји да оформат силен сојуз, кој доведе до пораз на Германија во Првата светска војна.

Конфронтирањето со здружените Кина и Русија ќе станува сѐ потешко како што времето одминува. Проектирањето моќ е скапо за Вашингтон, додека Москва и Пекинг најверојатно ќе ги подобрат своите стратегии за територијално оневозможување на непријателска агресија. Нема да биде лесно да се убедат американските граѓани да вложуваат повеќе пари во војската, која треба да се конфронтира со нациите што не ја загрозуваат директно Америка. Годинава дефицитот ќе достигне еден трилион долари и ќе расте во иднина, заради отсуството на сериозна фискална реформа. Како што ќе растат трошоците за економски привилегии, американските пензионери нема да се согласат да ги жртвуваат бенефициите од своето социјално и медицинско осигурување за да ги заштитат богатите сојузници. Ова ќе ги принуди американските креатори на политики да постават приоритети. САД ќе мораат да одлучат која земја претставува најголема потенцијална закана за во иднина. Секако дека таа земја се вика Кина. И покрај многуте неизвесности, вклучувајќи ги и потенцијално значителните демографски и економски предизвици, НР Кина е суперсилата што надоаѓа. Малку поразлично од неа, Русија е во стагнирање. Економијата на Русија сѐ уште се базира на ресурси, населението се намалува, а нејзиното богатство, реално, заостанува зад европското, како и зад американското.

Најважно од сѐ, се чини дека амбициите на Москва се доста лимитирани. Русија денес се однесува како онаа старата од пред 1914 година, барајќи почит за своите интереси и безбедност за своите граници. Со ништо не најавува некоја идна агресија против соседите. Во поголемиот дел од нејзината понова историја, Крим беше дел од Русија; поддршката за неа од Донбас создаде замрзнат конфликт што ја спречува Украина да влезе во НАТО; поддршката на формално независните Абхазија и Јужна Осетија го произведува истиот ефект за Грузија, додека се обезбедува подлога за одмазда на САД заради Косово. И тоа, според аналитичарите, ова се само тактички маневри на Русија, а не план за регионална, уште помалку глобална офанзива.

Ова укажува дека Вашингтон би требало да бара начин за спогодба, наместо конфронтација со Русија. Западот ризикува перманентно отуѓување без ниту една добра политичка цел. САД со право може да инсистираат на немешањето на Русија во американските избори, но тие треба да дадат слична гаранција кога се работи за странските внатрешни спорови. Понатаму, сигурно ќе постои потенцијал за договор: да се „олабави“ малку со експанзијата на НАТО во замена за крај на руското дестабилизирање на Грузија и на Украина. А потоа и исклучување на санкциите. И привлекување на Москва кон Западот.

Целта не би била да се натера Путин да влезе во војна со Кина, туку да се елиминираат несогласувањата што доведуваат до зближување на Пекинг и Москва, заради перцепцијата дека и на двете земји им претстои закана од Америка. Во тој случај САД би „растурале“ наместо да „натрупуваат“ потенцијални противници.

Казнената политика на Вашингтон се покажа многу подобра во создавањето непријатели одошто пријатели. Подобро би било американските креатори на политиката да се фокусираат на практичната безбедност на САД, наместо да подлегнуваат на некаква непостојна морална суета. Ричард Никсон, и покрај неговите очигледни пропусти, го сфати принципот на раздвојување на потенцијалните непријатели. Претседателот Трамп и оние околу него би требало да учат од историјата.