Градоначалниците и градските совети ги зајакнаа своите мерки за храбро да ги намалат штетните јаглеродни емисии во нивните градови, покрај пасивноста на националните влади, пишува Стјуарт Браун за „Дојче веле“

Амбициозни градски проекти против загадувањето и глобалното затоплување

Националните влади што го потпишаа Парискиот климатски договор бавно ги спроведуваа одредбите за градење економии што ќе имаат ниска потрошувачка на јаглерод. Тековните обврски за намалување на емисиите се на пат да ги зголемат светските температури за речиси три степени Целзиусови од прединдустриските нивоа, што е двојно повеќе од прагот на ограничување на глобалното затоплување од 1,5 степен Целзиусов за планетата да биде погодна за живот. Во меѓувреме, владите продолжуваат да ја субвенционираат индустријата за фосилни горива со трипати поголема стапка на чиста енергија, ставајќи ги далекосежните намалувања на емисиите надвор од дофат.
Неуспесите се сложени, почнувајќи од долгорочното влијание на лобито за фосилни горива на националната сцена до енергетската криза поттикната од украинската криза. Но локалните, градските и регионалните власти решија да преземат мерки и да ги променат слабите национални климатски активности. Од градови како Копенхаген, кој ветува климатска неутралност до 2025 година што е многу пред крајниот рок договорен во Париз во 2015 година, до компактни градски населби без автомобили и јаглеродно загадување, постојат четири начини како општинските власти можат да инвестираат во заштита на животната средина.

Копенхаген – првиот климатски неутрален град во светот?
Во 2012 година, Владата во Копенхаген го претстави планот за климатска акција за 2025 година, кој имаше амбициозна цел да го создаде првиот град во светот без јаглерод. Данскиот главен град останува на пат да достигне нето нула емисии до 2025 година, цели 25 години пред целта на националната влада за нето нула за 2050 година. Околу 66 отсто од градските емисии се припишуваат на енергијата, а 34 отсто на транспортот. Градот планира да ги намали преку справувањето со потрошувачката и производството на енергија, како и со зелената мобилност. Целта е да се намалат емисиите за 100 отсто во споредба со 2005 година и да се зголеми економскиот раст за речиси 25 отсто во истиот период преку поголеми инвестиции и отворање работни места. Во 2020 година, Копенхаген намали уште 20 отсто од емисиите, со тоа што личните автомобили се главен извор на преостанатото јаглеродно загадување во градот.
Со тоа што струјата и греењето се најголемиот извор на јаглерод диоксид, Владата во Копенхаген ги заменува јагленот, нафтата и гасот со обновливи извори на енергија. Ветерот, сончевата енергија и биомасата веќе заземаа голем дел, но 50 отсто од намалувањето ќе се постигне од енергетската ефикасност. Градот спроведе паметна енергетска мрежа за да ги намали огромниот отпад од домовите, малопродажбата и производството. Во однос на транспортот, Владата во Копенхаген сака најмалку 75 отсто од превезувањата во градот да се одвиваат пеш, со велосипед или јавен превоз до 2025 година. Возилата со мотори со внатрешно согорување ќе бидат забранети во градот до 2030 година.

Мумбај – јужноазиски лидер во климатските политики
Кога индискиот премиер Нарендра Моди се заложи за јаглеродна неутралност до 2070 година на КОП26, тоа се сметаше за ветувачки чекор од земјата со трети најголеми јаглеродни емисии. Но Мумбај, најнаселениот град во земјата, со над 20 милиони луѓе во неговата урбана област, ја зголемува оваа амбиција, ветувајќи дека ќе постигне нето нула емисии на јаглерод две децении пред предвиденото.
Признавајќи ја потребата за климатска адаптација во крајбрежниот мегаград, кој е многу изложени на високи температури и поплави, климатскиот план повикува на декарбонизација на енергетскиот сектор, кој учествува со 72 отсто од вкупните градски емисии. Со енергетската мрежа, речиси целосно напојувана од јаглен, Мумбај особено ќе го зголеми производството на соларната енергија за да достигне цел од 50 отсто за користење обновливи извори на енергија до 2050 година. Транспортот е уште еден клучен фокус, со планови за електрификација на широката урбана транспортна мрежа на Мумбај. За почеток, ќе пуштат во употреба над 2.000 електрични автобуси до 2023 година. Мумбај, исто така, воспоставува план за управување со отпад на депониите и засадување урбани шуми низ градот за да се ублажат речиси 10 отсто од емисиите, кои се припишуваат на отпадот, особено депониите што исфрлаат метан.

Париз – секаде за 15 минути
Емисиите на јаглерод може значително да се намалат со избегнување на урбаното ширење и создавање покомпактни градови за пешачење и возење велосипеди. Идејата се состои во тоа насекаде во градовите да се стигнува за 15 минути, а во екот на пандемијата веќе се направија тестови за да се скрати времето на патување и да им се овозможи на луѓето да живеат и да работат локално, вклучувајќи ги населбите во Мелбурн, оддалечени на 20 минути од центарот на градот и движењето насекаде во Париз за 15 минути. Идејата за проектот „Насекаде за 15 минути“ во Париз имаше главно место во кампањата за реизбор на градоначалничката на Париз, Ан Идалго, во 2020 година. Француската престолнина, која е оптоварена од сообраќај, почна да поставува велосипедски патеки на секоја улица, делумно со одземањето на 70 отсто од просторот за паркирање автомобили на улиците. Целта е да се намалат загадувањето на воздухот, бучавата и јаглеродните емисии за Париз да стане јаглеродно неутрален до 2050 година. Со проширување на центрите за соработка и охрабрување на користењето на локалните продавници и игралишта, градот сака да ја олесни „хиперблизината“ во париските населби со што жителите ќе можат да пристапат до сите удобности во опуштена 15-минутна прошетка или возење велосипед од дома.

Сиетл и Фрајбург со енергетски ефикасни населби
Во Сиетл, фирмата за архитектура и урбанизам „Ларч лаб“ е фокусирана на декарбонизирани, нискоенергетски урбани згради и „екообласти“ засновани на германската идеја за заедничко домување. Развиена од жителите, идејата е дека овие одржливи области ќе постигнат супериорна ефикасност на зградите со примена на стандардите за градење енергетски ефикасни објекти, кои се скапи однапред, но попристапни на долг рок. Оваа идеја функционира во Германија во областа Вобан, преку моделот на еконаселба во пионерскиот зелен град Фрајбург. Градот планира да ги намали емисиите за 60 отсто до 2030 година. Во оваа населба има 5.600 жители, кои наместо автомобили користат велосипеди или пешачат, а енергетски ефикасните згради користат соларна енергија на покривите. Градот со нула емисии важи и за најзелен во Европа, беше развиен од творците на енергетската ефикасност и локалната заедница со силна поддршка од општинската влада, посветена на инвестирање во заштита на животната средина.

Подготвил: Митко Јовановски