Фото: Фејсбук/Емануел Макрон

Фокусирањето на надворешната политика наместо на секојдневните грижи на Французите му донесе на Емануел Макрон успех на претседателските избори одржани во април, но таквата стратегија би можела да го чини скапо на денешниот втор круг од парламентарните избори на кои неговата коалиција бара апсолутно мнозинство, според „Политико“. Францускиот претседател во екот на кампањата, неделава ја посети Украина, а беше напоменат и неговиот личен интерес, како и големиот ангажман од француското претседателство со Европскиот совет за решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија. Тоа се согледува и преку францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија кон Македонија што е актуелен деновиве.

Француските дипломати во Брисел одбиваат да кажат официјално дали предлогот објавен во бугарските и македонските медиуми е автентичен. Во текот на последните неколку дена повеќе документи беа објавени во Бугарија и Македонија, меѓу нив е новата преговарачка рамка, која доколку е прифатена од сите страни би била усвоена на Европскиот совет в четврток. Оваа рамка наводно ги интегрира француските предлози дадени во Софија, и за кои македонските власти официјално велат дека не ги добиле.

Според „Политико“ Макрон ја загуби поддршката од девет отсто од гласачите во однос на претседателските избори, бидејќи Французите му замеруваат оти се фокусира на глобалните проблеми, наместо на нивните секојдневни грижи. Ваквата стратегија му донесе успех на Макрон на претседателските избори, но испитувањата на јавното мислење сугерираат оти надворешната политика моментно котира слабо меѓу приоритетите на Французите. Згора, анкетите покажуваат и оти помладите гласачи се определуваат за неговиот политички ривал Жан-Лик Меланшон.

Соочувајќи се со неизвесност, Макрон имаше апокалиптичен тон за време на последната недела од кампањата пред денешниот втор круг од парламентарните избори, велејќи дека државата се соочува со хаос, ако не му додели апсолутно мнозинство, пишува „Блумберг“.

Тој издвои време за кампањата пред посетата на Источна Европа за да дискутира за гласањето, велејќи им на новинарите во вторникот оти „ништо не би било полошо од додавањето на францускиот неред во светскиот неред“. Три дена подоцна во Украина, тој ги оквалификува неговите политички ривали од левицата како „опасна сила што ќе донесе дестабилизација“, среде војната и кризата со растечките цени на енергенсите.

Макрон беше избран на претседателската функција во 2017 година, ветувајќи револуција во втората најголема европска економија, но неговите реформи беа забавени од протестите, а потоа и запрени од пандемијата.

Со добивањето на нов мандат во април, тој доби уште пет години за остварување на целите, но неговата способност за спроведување на клучните реформи ќе зависи од бројот на места во парламентот што ќе ги освои неговата коалиција. За апсолутно мнозинство потребни му се 289 пратенички места од вкупно 577 во националното собрание. Во неговата агенда спаѓаат плановите за поместување на границата на старосна пензија и даночните реформи. Резултатите од првиот круг сугерираат оти коалицијата на Макрон ќе добие мнозинство, но со значително намален капацитет. Анкетите предвидуваат дека ќе освои помеѓу 252 и 305 места во парламентот.