Статуата на Леополд Втори стана средиште на демонстрантите за време на неодамнешните протести против расизмот во Брисел/Фото: Принт-скрин

Експертска група разгледува како да се постапи со белгиските споменици

Бронзената статуа од белгискиот крал Леополд Втори во центарот на Брисел би можела да биде стопена и претворена во нов споменик посветен на милионите кои ги загубиле животите за време на бруталната белгиска власт во Конго, како и на другите жртви на колонијализмот, предлага експертска група, а пренесува „Гардијан“.

Групата составена од историчари, архитекти и други специјалисти, ангажирана од регионалната влада на Брисел, сугерира и втора опција за споменикот на кралот кој владеел во 19-от век, односно отворање на парк во кој ќе бидат преместени спомениците на контроверзни личности од колонијалната историја.

Двете сценарија биле предложени во извештајот на 256 страници за деколонизација на јавниот простор во белгискиот главен град, побаран од Брисел по протестите во рамки на движењето „Црните животи значат“ во 2020 година.

Како кралот ја изненади Белгија, соочувајќи се со минатото

Статуата на Леополд Втори близу кралската палата стана средиште на демонстрантите за време на неодамнешните протести против расизмот во Брисел.

Групата не предлага соборување на другите статуи, туку пристап според кој секој случај ќе се решава поединечно. Дел од спомениците би можеле да бидат преместени во музеи или во предложениот парк, а други би можеле да бидат преименувани или пак да им се додаде натпис со дополнително објаснување.

Експертската група предлага и споменик посветен на жртвите на колонизацијата, како и музеј или центар за документација каде што може да се дојде до информации за колонијалното минато на Белгија.

Министерот задолжен за урбано планирање во регионот на Брисел, Паскал Смет, вели дека експертската група има балансиран пристап во справувањето со колонијалните споменици.

– Најлесно ќе беше да се ослободиме од сите статуи, но тие не го избраа тоа. Секако дека знаеме оти оние кои денеска живеат во нашиот град не се одговорни за колонизацијата, па нема прашање на одговорност, туку станува збор за прашање за колективн одговорност. Мислам дека е многу важно, особено во времињата во кои живееме, да не бидеме заглавени во историјата, туку да ја разбереме – кажа Смет.

Белгиската федерална влада ќе ја донесе одлуката во врска со споменикот на Леополд Втори.