Зимската бура донесе обилни снежни врнежи проследени со силен ветер во поголемиот дел од источниот брег и југоисточниот и централниот дел на САД.

Според тамошните медиуми, поради тоа федералните служби и училиштата морале да ја прекинат работата, а доцнеле летовите и дошло до прекин на електричната енергија за голем број домаќинства.

Националната метеоролошка служба објави 12 до 25 сантиметри снег и ветрови до 64 километри на час за време на првата снежна бура во тој дел на Америка оваа сезона, пренесува „Ројтерс“.

Предупредување за снежна бура е издадено во сите држави од Јужна и Северна Каролина до Њу Џерси. Националната метеоролошка служба извести дека во главниот град Вашингтон паднал 21 сантиметар снег, во Источен Тенеси 22 сантиметри, во Вирџинија 37 сантиметри и во Мериленд 39 сантиметри.

– Кога зборуваме за многу населени области, зголемениот снег станува проблем – рече Остин Менсфилд, метеоролог во Националната служба, кој рече дека зимската бура стивнува.